Турција и Ерменија синоќа експресно, но дијаметрално различно реагираа на изјавата на американскиот претседател Џо Бајден, кој претходно вчера масакрот врз Ерменците за време на Отоманската империја, во 1915 година, го оцени за геноцид.
Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган прв реагираше и го осуди мешањето на САД во внатрешните работи на земјата. Тој додаде дека за ова треба да дискутираат историчарите и дека прашањето не треба да се политизира.
Шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу, кажа дека неговата земја не треба да „учи лекции“ за сопствената историја.
Од своја страна, Ерменија ја поздрави одлуката на Бајден, оценувајќи ја како историска, бидејќи Бајден е првиот американски претседател кој како гоноцид ја оцени смртта на околу 1,5 милиона Ерменци.
Ерменскиот премиер Никол Пашинијан вчера испрати писмо до американскиот претседател Џо Бајден дека признавањето на геноцидот е прашање на безбедноста на Ерменија, особено по минатогодишните настани кога почна војната во Нагорно Карабах.
„Ерменците ширум светот со ентузијазам го поздравија признавањето на геноцидот“, наведе Пашинијан во писмото објавено на неговата веб-страница.
Во пораката на Фејсбук Пашинјан му се заблагодари на американскиот претседател за „таа силна мерка кон правдата и историската вистина“ и за „непроценливата поддршка на потомците на жртвите на ерменскиот геноцид“.
Признавањето на геноцидот е „охрабрувачки пример за сите што сакаат да изградат праведно и толерантно меѓународно општество“, додаде ерменскиот премиер, цитиран од француските медиуми.
-Американците им оддаваат почит на сите Ерменци кои загинаа во геноцидот што почна пред точно 106 години, рече Бајден.
Околу 30 земји го признаа масакрот како геноцид, а вчера беше Денот за сеќавање на тие жртви во Ерменија.
Историчарите проценуваат дека 1,5 милиона Ерменци биле убиени во Отоманската империја за време и по Првата светска војна, што експертите го сметаат за прв геноцид во 20 век.
Наследникот на империјата, Турската Република, прогласен во 1923 година, негира дека станува збор за геноцид, туку дека тоа биле само жртви на граѓанската војна и немирите за време на распадот на Отоманската империја, чиј број е претеран и дека смртните случаи имало на двете страни.