Кризниот штаб на Србија донесе одлука да од петок, 7 мај, угостителските објекти можат да работат и во затворен простор, притоа почитувајќи ги сите епидемиолошки мерки, јави дописникот на МИА од Белград.
Епидемиологот д-р Бранислав Тиодоровиќ по седницата на тоа тело, кажа дека угостителските објекти ќе можат да работат во затворено, под услов да ги почитуваат сите епидемиолошки мерки – максималната исполнетост да е до 50 отсто, растојанието помеѓу гостите да е од метар и пол до два и да нема музика во живо, ниту преку звучници.
-Затоа што кога музиката е на звучникот, таа е обично гласна, и луѓето се принудени да викаат за да бидат слушнати, а тоа се сите оние се фактори кои помагаат да се шири вирусот. Ние не завршивме со вирусот, борбата ќе нè чека долго, изјави Тиодоровиќ и најави нови одлуки на Кризниот штаб за следната недела.
Тој посочи дека ќе се врши строга контрола на почитување на епидемиолошките мерки и дека Кризниот штаб ќе се залага за ригорозна примена на казнените мерки.
Како што наведе, угостителските објекти ќе работат до 22 часот, и ќе биде дозволено да бидат до пет лица на едно место, со почитување на далечината, носење маски и неопходната дезинфекција.
Коментирајќи ја владината мерка сите граѓани постари од 16 години, кои ќе примат барем една доза од вакцината за коронавирус до 31 мај, да ќе можат да аплицираат за 3.000 динари, Тиодоровиќ кажа дека „придобивките на вакцинираните мора да бидат во согласност со правните норми со Уставот и законот“.
-Работиме на тоа да оние кои не можат да се вакцинираат поради здравствената состојба, да можат да користат одредени придобивки, со негативен ПЦР или негативен антиген тест, кажа Тиодоровиќ.
Тој додаде дека сите граѓани на Србија кои живеат во странство и редовно се вакцинираат таму, ќе можат да влезат во Србија без никакви ограничувања, „нема да мора да одат во карантин“.
Што се однесува до ноќните клубови, тој кажа дека одлуката за нивно отворање ќе почека уште малку, „а потоа кога ќе бидеме сигурни дека имаме помалку од 100 новоинфицирани лица на дневна основа, можеме да пуштиме сè да функционира нормално“
-Сè што ќе сториме во наредните денови и недели ќе се засноваме само на точните податоци што ги добиваме од здравствениот систем, а во согласност со тоа ќе донесеме одлуки за постепено олеснување на мерките, порача Тиодоровиќ.