Долгото работно време е причина за 745.000 смртни случаи од мозочен удар и исхемично срцево заболување во 2016 година, според проценките на Светската здравствена организација (СЗО) и Меѓународната организација на трудот (МОТ) објавени денеска.
СЗО и МОТ проценуваат дека во 2016 година 398.000 луѓе починале од мозочен удар и 347.000 од срцеви заболувања, поради тоа што работеле најмалку 55 часа неделно.
Помеѓу 2000 и 2016 година, бројот на смртни случаи од срцеви заболувања поради долго работно време се зголемил за 42 проценти, а од мозочен удар за 19 проценти.
Болестите поврзани со работата се почести кај мажите (72 проценти од починатите се мажи), луѓе кои живеат во регионите на Западен Пацифик и Југоисточна Азија и средовечни или постари работници.
Студијата заклучува дека работењето 55 или повеќе часа неделно е поврзано со околу 35 проценти поголем ризик од мозочен удар и 17 отсто поголем ризик од смрт од исхемична срцева болест, во споредба со работа од 35 до 40 часа неделно.
Студијата, исто така, утврдила дека се зголемува бројот на луѓе кои работат многу часови, и во моментов изнесува девет проценти од вкупното глобално население.
– Пандемијата на Ковид-19 значително го смени начинот на кој работат многу луѓе, рече генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус.
– Работењето онлајн стана норма во многу индустрии, и честопати ги замаглува границите помеѓу домот и работата, додаде тој.
– Ниту една работа не вреди толку за да претставува ризик од мозочен удар или срцеви заболувања. Владите, работодавците и работниците треба да работат заедно за да се договорат за ограничувања со цел заштита на здравјето на работниците, истакна шефот на СЗО.