Сè уште не сме создале услови за лето опуштено како минатата година, изјави денеска на прес-конференција портпаролот на германската влада Штефен Зајберт.

Тој додаде дека падот на бројот на новозаразени, како и напредната кампања за вакцинација „инспирира надеж“, но дека „предвремени заклучоци“ не треба да се прават.

– Нашата цел мора и натаму да биде намалување на дневните инфекции на минимум, рече Зајберт.

Државниот институт за епидемиологија Роберт Кох денеска забележа пад на седумдневната инциденца на 83. Пред неколку недели, седумдневната инциденца на германско ниво беше над 130.

Зајберт истакна дека мерките како носење маска, држење дистанца и тестирање сè уште остануваат „сојузници во борбата против пандемијата“.

– Оваа борба сè уште не е завршена, рече Зајберт.