Албанија е на четвртото место во светот според бројот на реални смртни случаи од Ковид-19 во однос на населението, по Азербејџан, Босна и Херцеговина и Бугарија.
-Податоците ги објави „Health Data“, американски институт за процена на здравјето. Според извештајот, Албанија има вкупно 529 смртни случаи на 100 илјади жители, за периодот март 2020 година до мај 2021 година и е рангирана на четвртото место меѓу 20-те земји со најголема реална смртност од Ковид-19, пренесува агенцијата Балкан веб.
По Албанија е Мексико (478 смртни случаи на 100 илјади жители), следат Северна Македонија (482), Белорусија (472), Романија (465), Казахстан (459), Перу (447).
-Според извештајот, Албанија има околу шестпати повеќе смртни случаи од официјално соопштените, рангирајќи се повторно меѓу земјите што имаат најниска стапка на официјални декларации во однос на вкупната бројка смртни случаи, по Белорусија и Азербејџан. Во Северна Македонија, односот е два, додека во Црна Гора е 1,4, наведува агенцијата.
Според албанскиот државен завод за статистика ИНСТАТ, од април 2020 година до март 2021 година имало околу 9.300 смртни случаи повеќе во споредба со истиот период од претходната година, кога вирусот не беше присутен. (за истиот период, официјално има 2.423 смртни случаи од Ковид).
Во овој период од 12 месеци (април 2020 година – март 2021 година) животот го загубиле околу 31.000 лица, од 21.800 во април 2019 година до март 2020 година, со зголемување од околу 42,7 отсто.
-Кога станува збор за растот на смртноста во пандемскиот период Албанија има разлика од околу 30 проценти во однос на сите други европски земји. Истиот тренд продолжи и во првите месеци од 2021 година, каде што Албанија забележа многу поголем раст на починати, во споредба со другите европски земји, констатира агенцијата Балкан веб.
Официјалната бројка на почнати од појавата на пандемијата, според министертвото за здравство и социјална политика изнесува 2.441 лице.