Неколку француски и германски инфлуенсери за добри пари добиле понуда да зборуваат против вакцината „Фајзер“. Францускиот блогер, Лео Грасет, со речиси 1,2 милиона претплатници на ЈуТјуб, на Твитер објави дека добил понуда за оцрнување на „Фајзер“.
„Колосален буџет, клиентот сака да остане анонимен, а јас ќе морам да го сокријам спонзорството“, напиша Грасет. Кога отишол да провери за што станува збор, останал збунет.
„Неверојатно. Адресата на лондонската агенција која ме контактираше е лажна. Никогаш не биле таму, бидејќи тоа е центар за ласерска хирургија. Сите вработени во него имаат чудни профили на Линдекин“, објави Грасет. Кога повторно отишол на страницата на Линкедин, претходните профили исчезнале. Само забележал дека сите работеле во Русија, пренесуваат француските медиуми.
Електронска пошта примил и Сами Оуладито, француски комичар со речиси 400.000 претплатници, како и Et Ca Se Dit Medecin ( и тие себе си се нарекуваат лекари), специјализант со 84.000 следбеници на Инстаграм. Се огласи и францускиот министер за здравство Оливие Веран, кој истакна дека тоа е опасно и неодговорно и нема да успее.
-Французите главно се за вакцинација и мислам дека ниту еден обид да се свртиме од вакцината нема да успее, рече Веран.
Мејловите ги испратила лондонската агенција Фаже. Весникот „Ле Монд“ пишува дека Фаже никогаш не била регистрирана во Велика Британија, но можно е таа да била регистриран на Девствените острови. Според профилот на извршниот директор на Фаже на Линкедин, што во меѓувреме е избришан, агенцијата работела од Москва, пишува „Ле Монд“.
Агенцијата, наводно, им понудила 2.000 евра на инфлуенсерите за да го шират гласот дека вакцината „Фајзер“ предизвикала повеќе смртни случаи од која било друга вакцина.
Понуда примил и германскиот ЈуТјубер и автор на подкастот, Мирко Дрочман, пишува „Шпигел“. Дрочман на Твитер објави видео од мејлот со понудата да учествува во „информативна кампања“ во која треба да објави податоци за смртните случаи од вакцинација.
„Гардијан“ пишува дека агенцијата Фаже се претставила како платформа за маркетинг на инфлуенсери, поврзувајќи ги блогерите со огласувачите. Тврделе дека се наоѓаат на адреса во Лондон, но не биле регистрирани таму.
Нивната веб-страница од вчера е исчезната, а онаа на Инстаграм е заклучена. Агенцијата минатата недела контактирала неколку француски научници и медицински Јутјубери, барајќи од нив, на слаб англиски јазик, да објаснат дека бројот на смртни случаи од вакцинација со „Фајзер“ е три пати поголема од „АстраЗенка“, пишува „Гардијан“.