Проценката за производството на медицински канабис во земјава само со актуелните 60 лиценци е преку 250 милиони евра што е 2,5 отсто од БДП. Верувам дека ќе имаме отрезнување од страна на опозицијата за деблокирање на законите во Парламентот. Во моментов бараме решение како да овозоможиме и извоз на цвет кој се употребува од индустријата за препарати за кожа, а има и други намени. Тоа ќе значи флексибилност во производството и привлечност за нови инвестиции, рече денеска премиерот Зоран Заев.
Одговорајќи на новинарски прашања, Заев уште еднаш нагласи дека од вкупно издадените 61 лиценца, само една е на член на неговото семејство, односно на неговиот прв братучед.
-Од 61 лиценца, една е на член на моето семејство, на мој прв братучед. Останатите 60 се на други инвеститори во државата, домашни и странски. Во еден наврат мојот братучед и јавно рече „да ја затворам комапнијата ако е пречка за сите други“. Но, во сите македонски компании работат наши граѓани, платата е меѓу 700 и 1.500 евра. Во однос на поднебјето и климатските услови сме попримамливи и од Португалија, а како дестинација сме една од најпривлечните за инвестиции во медицински канабис, нагласи Заев.
Во законот, рече премиерот, е планирано покрај десетте отсто за данокот на добивка, да се плати и десет отсто од извозната фактура за шест намени: три отсто за ретки болести, два отсто за агенцијата за медицински канабис, 1,25 отсто за фонд за медиуми, 1,25 отсто за невладиниот сектор, 1,25 отсто за спорт и 1,25 отсто за културни настани.