Министерот за надворешни работи Бујар Османи вели дека со Бугарија може да се најде решение за употребата на краткото име на државата и за дополнителни гаранции за спроведување на Договорот за добрососедство од наша страна. Но, дециден е Османи, во ниту еден случај тема на разговорите за решавање на проблемот со Бугарија и деблокирање на европската перспектива на земјава нема да бидат идентитетските прашања.
-Со Бугарија можеме да најдеме решение околу употребата на краткото име на државата, како и околу барањата на Софија да дадеме дополнителни гаранции од нашата страна коишто ќе создадат предвидливост околу имплементација на договорот, рече шефот на дипломатија во Трилинг на ТВ 24.
Министерот за надворешни работи е дециден дека за идентитетските прашања не се разговара со Бугарија, додавајќи дека нема да се дозволи да се оспоруваат националните атрибути.
-Не разговараме за идентитетските прашања. Нашиот став е дека нема да дозволиме било какви ставови со кои ЕУ ќе ги спори идентитетските карактеритики, па и на македонскиот народ, на граѓаните во Република Северна Македонија. Република Бугарија има право да си го задржи својот став по однос на атрибутите и ние не може да се мешаме околу тоа каков став имаат, ниту претендираме дека може да им се мешаме. Но, не сметаме дека тоа е прашање кое Европската унија треба да го има како став и во тој дел велам дека тоа се нашите ставови во однос на идентитетските прашања, рече Османи.
Другите пашања, рече, се решливи, особено ако се случваат во атмосфера на доверба.
На прашање што доколку се случи и во јуни, до крајот на португалското претседателство со ЕУ, не се одржи првата меѓувладина конференција и не почне преговарачкиот процес, шефот на дипломатијата вели дека земјава ќе продолжи да бара решенија со цел да ги оствари европските перспективи.
-Ќе треба да продолжиме да ги убедуваме дека ова веќе не е само интерес на РС Македонија. Интерес е на целиот регион и на Европска унија, бидејќи нема комплетна ЕУ без Западен Балкан, а нема стабилен Западен Балкан ако најдобриот ученик на Балканот не добие одговор од Унијата таков како што заслужува. Затоа често велам дека ние станавме тест на кредибилноста на процесот за проширување во Западниот Балкан, рече министерот Османи.
Знам, додаде тој, дека фрустрациите во јавноста се зголемуваат, дека ентузијазмот во институциите ќе биде оштетен, но, нагласи, мора да се продолжи бидејќи крајната цел е многу поважна за иднината на следните генерации, отколку напорите и фрустрациите што ги прави и трпи оваа генерација.