Веќе трети месец нема регистарски таблички во Македонија. Сопствениците кои набавиле нови возила или пак, вршат пререгистрација не можат да добијат таблици. Се чека дури со недели. Се јавивме на неколку Станици за технички преглед , претставувајќи се како заинтересирани за услуга,и ни го потврдија истото, објавува ТВ Алфа.
По повеќе од две децении прекина соработката на “Раде Кончар” со МВР, но прашањето е зошто? Министерството повеќе не набавува регистерски таблици за автомобили од фабриката.Во раководството велат ,дека не им е јасно зошто биле елиминирани како понудувач и не го добиле тендерот. Образложението, според нив ,не било воопшто издржано и чекаат да заврши постапка околу жалбата“.
Алфа од свои извори дознава дека тендерот го добива фирма со чудно потекло регистрирана во Западна Македонија, но бидејќи е регистрирана само како канцеларија нема можност да печати таблички. За да не избие скандал државата, според нашите извори, одлучува да нарача таблички од Германија.
Што се случува? Која е фирмата што го добила тендерот, дали во моментов таблици се носат од странски држави и дали тоа е причина за нивен недостиг изминатиов период? Сите прашања ги испративме официјално до МВР. Фирмата од Западна Македонија не се споменува во одговорот од нив. Велат договорот со “Раде Кончар” бил временски истечен и вредносно истрошен. Редовната постапка за набавка била обжалена и се чекало на решение.
“Во меѓувреме спроведена е итна постапка со цел обезбедување на таблици до завршување на редовната постапка, каде избран е економскиот оператор Квантум од Скопје кој настапува како група на понудувачи со оператор од Германија. Со тоа се надминати проблемите односно евентуални застои во издавањето на таблиците. Што се однесува до Тетово, Ве информираме дека уште во текот на денешниот ден ќе бидат доставени таблици.” велат од МВР.
Во меѓувреме дали ќе биде прифатена жалбата на “Раде Кончар”, треба да одлучи Комисијата за жалби при јавни набавки .Дотогаш, преку оператор Квантум ќе се набавуваат таблици,што не ја исклучува можноста, повторно да има застој во испораките.