Леси Бенингфилд Рендл (106), се уште може да се сети на куќите зафатени со пламен и телата наредени во камиони, ужасите во Тулса што по 100 години доведоа до ветувањето на американскиот претседател Џо Бајден дека ќе работи на расната правда.
-Бев многу мало дете, но се сеќавам дека трчав и војници влегуваа, рече Рендл во интервју за британските медиуми, додека нејзиниот роден град Тулса се подготвуваше за обележување на едно од најтемните поглавја во својата историја.
Вчера се одбележа 100-годишнината од масакрот на просперитетна афроамериканска заедница во округот Гринвуд, во Тулса, исто така, наречена Блек Вол Стрит.
Незапаметеното насилство, за кое со години се избегнуваше да се зборува, се случи откако еден Афроамериканец беше обвинет за напад на бела жена.
Иако обвинението не се докажа, тоа активираше бран убиства на жители на црни жители, грабежи на нивните домови и палење на зградите блок по блок. На крајот биле уништени повеќе од илјада згради.
Околу 300 лица биле убиени, илјадници останале без покрив над главата, а целата заедница што се сметаше за симбол на тоа што обоените жители можеле да го постигнат, била уништена.
Претседателот Џо Бајден вчерашниот ден го прогласи за „Ден на сеќавањето“, повикувајќи ги Американците „да работат заедно за искоренување на системскиот расизам и да помогнат во обновата на заедниците и животите што со него биле уништени“. Тој, исто така, ја призна улогата на федералната влада во „одземањето на богатството и можностите од црните заедници“.
Комеморацијата за ова злосторство и комеморацијата на која се очекува и претседателот Бајден, ќе продолжи и денеска, кога, меѓудругото, треба делумно да се отвори новиот музеј од 20 милиони долари посветен на приказната за Гринвуд.
Со децении, медиумите ретко ги споменуваа настаните од 31 мај и 1 јуни 1921 година. Државните историчари во голема мера го игнорираа масакрот, а децата не учеа за тоа на училиште, се наведува во извештај од 2001 година напишан од државната комисија.