Заменикот помошник државен секретар на САД задолжен за европски и евроазиски прашања и за Западен Балкан и Егејот, Метју Палмер, во пресрет на најавената средба на косовскиот премиер Албин Курти и српскиот претседател Александар Вучиќ, што треба да се одржи кон средината на месецов во Брисел, изјави дека очекува двајцата државни лидери да соработуваат во унапредување на дијалогот меѓу нивните држави, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во изјава за косовската државна телевизија РТК, Палмер синоќа порача дека Вашингтон и Европската унија очекуваат процесот да резултира со „помирување и договор“ меѓу Косово и Србија.
– Се надеваме и очекуваме (Курти и Вучиќ) да се посветат на процесот и да работат заедно на идентификувањето на приоритетите, да работат на програмата за работа, да започнат еден процес. Ние чувствуваме одредена итност за овој процес и очекуваме работите да се движат брзо, да се постигне едно помирување и договор. Ние ќе бидеме тука за да го помогнеме тој процес, изјави Палмер.
Американскиот диломат рече дека „нема строги временски рокови“ за постигнување договор, но порача дека „што повеќе се оддолжува, толку потешко ќе биде“.
– До учесниците во процесот е да работат во правец на нормализацијата на односите и на патот кон ЕУ. Не е работа на ЕУ и САД да одлучат за што ќе се дискутира, како ќе ги решаваат прашањата и што ќе одлучат во врска со потешкотиите и за работите за кои саакаат да дискутираат и да најдат компромис, изјави Палмер.