Противниците на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху постигнаа договор за формирање коалиција.
Објавата на опозицискиот лидер Жаир Лапид и неговиот сега коалициски партнер Нафтали Бенет следеше неколку моменти пред полноќ по локално време, кога беше крајниот рок за формирање на коалицијата.
Во објава на Твитер, Лапид наведе дека претседателот на Израел, Рувен Ривлин, веќе е информиран.
„Оваа влада ќе работи за сите граѓани на Израел, оние кои гласаа за неа, но и оние кои не го сторија тоа. Ќе сториме сè за да го обединиме израелското општество“, напиша Лапид.
Според постигнатиот договор, Лапид и Бенет ќе се менуваат на премиерската функција, така што и двајцата ќе станат „ротирачки премиери“. Бенет ќе ја извршува функцијата првите две години, а потоа ќе ја преземе Лапид.
Историскиот договор ја вклучува и малата исламистичка партија – Обединета арапска листа, што ја прави прва арапска партија што некогаш била дел од владејачката коалиција во Израел.
Парламентот треба да го одобри договорот меѓу двајцата опозициски лидери, што се очекува следната недела. Доколку договорот биде одобрен, Лапид и Бенет официјално ќе стават крај на 12-годишното владеење на Бенјамин Нетанјаху, најдолго во историјата на земјата.
Израелските медиуми пренесуваат дека сегашниот премиер, од очај, ќе стори се што е можно за да се спречи формирање на новата влада.
Лапид е роден на 5 ноември 1963 година во Тел Авив. Пред да влезе во политика во 2012 година со основањето на партијата „Има иднина“, тој се занимаваше со пишано и телевизиско новинарство, а исто така сними улога и во израелскиот филм „Песната на сирената“. Покрај тоа, објави седум книги и го напиша сценариото за драмската серија „Воена соба“, што беше емитувано во Израел во 2004 година.
Бенет и Нетанјаху добро се познаваат. Тие се во контакт од 2006 година, кога Бенет беше соработник на тогашниот лидер на опозицијата, а подоцна беше дел од владата на Нетанјаху како министер за одбрана, потоа за образование и економија.
Конзервативната Ликуд на Нетанјаху освои најмногу пратенички места на изборите на 23 март, но тој не успеа да формира мнозинство со своите сојузници.