Пишува: Ѓорги ИЛИЕВСКИ
(извадок од книгата Дебар и дебарско низ историјата од Ѓорѓи Илиевски)
Македонија конечно стана слободна земја есента 1944 година. Еден од проблемите кои стоеле пред новите македонски власти бил заостанатоста и неписменоста. Затоа, Поверенството за просвета при Президиумот на АСНОМ на 30.09.1944 година, испраќа писмо до сите Народноослободителни одбори со задача да се оспособат училишните згради во сите слободни територии и веднаш да се почне со работа. Притоа, било дадено упатсво во смисла: „ Да се прегнат сите сили за да се премавне големата неписменост… да се створат аналфабетски курсеви во сите села за неписмените од 12 до 45 годишна возраст. Курсевите ќе се одржуваат навечер“.
Вакви и слични упатства биле доставени и до Дебарската околија. Во територијален опсег на Дебарската околија влегуваат селата на Дебарска Жупа и Голо Брдските села. Во првите години по ослободувањето во Дебарска Жупа и Голо Брдо. Во првите години од ослободувањето, во Дебарска Жупа постоеле постоеле 18 села, и тоа: 1. Горенци во кое живееле Македонци православни и муслимани), 2. Пареши православни Македонци, 3. Броштица, православни Македонци, а потоа се доселувале Македонци муслимани, 4. Рковац со Македонци муслимани, 5. Житинани и Вапа со Македонци православни и муслимани, 6. Кочишта, со православни и муслимани Македонци 7. Брештани со Турци, 8. Коџаџик со Турци, 9. Новаци со Турци, 10. Горно Елевци со Турци и Македонци кои живееле до 1948 година, 11. Долно Елевци со Евла, Турци и Македонци кои живееле до 1952 година,12. Долгаш – Турци,13. Рајковци Македонци се иселиле во 1953 година, 14. Осолница – Турци, 15. Праленик – Турци, 16. Папрадник (Мал и Голем) Македонци муслимани, 17. Власиќи – Албанци и 18. Баланци каде што живееле Македонци муслимани и Албанци.
Од Голо Брдските села на Македонија и припаѓаат: Дренок, Џепиште и Отишани како и Синори од Стеблево и Требиште.
Поради тешките услови за живеење, посебно поради лошите стопански услови за развој и опстанок, по првите години од ослободувањето започнува миграционото движење на населението во Дебарска Жупа, а посебно кај македонците христијани. Токму поради тоа, многу кадарни луѓе за работа оделе на печалба во други краеви во земјата и во светот. Така, многу села се напуштија и останаа само урнатини, а сето тоа имаше непововолен одраз и во развојот на опстојувањето на училишната мрежа.
За отварање на основни училишта во Дебарската околија бил задолжен прочелникот за просвета и околискиот инспектор. За учители се поставувани повеќе ученици со завршено гимназиско оразование, а некои биле во тек на завршување на средното училиште. Иако во тешки услови, поставените учители работеле со голем самопрегор. Притоа се судриле со повеќе технички и педагошки проблеми, околу примената на новата наставна програма. Според „временскиот план за обука на основните училишта“ е предвидено основното образование да трае до 7 години. Плаќањето на учителите да биде како и другите службеници.
Во првиот наставен план биле предвидени следните предмети по одделенија :
Прво одделение: Вероучение (незадолжително), Народен јазик (обука за четење и писање), Предметно учење, Сметање, Рисување, Пеење и Гимнастика. За второ одделение се предвидени истите предмети како и за прво. За трето и четвртто одделение се предвидени следните предмети: Вероучение, Народен јазик, Сметање, Отечествознание, Историја (приказки за најважните собитија од нашата историја), Природознание, Русувание, Пеење, Гимнастика и Рачна работа.
Во петто одделение се предвидени следните предмети: Народен јазик, Аритметика, Геометрија, Географија на Европа, Историја (стар век), Руски јазик, Зоологија, Рисувание, Пеење, Гимнастика, Рачна работа (во селата на работа во училишна градина и во полето). Во шесто одделение се скоро истите предмети со исклучок на Хигиена, Ботаника наместо Зоологија и Историја на среден и нов век. Слични измени има и во седмо одделение и тоа за Историја на Македонија и во врска со историјата на соседните народи, Физика и Хемија. За сите предмети бројот на часовите не е одреден, а тоа ќе треба да го одредат сами учители.
Прва и основна задача на новите учители била да го оспособат училиштето за почеток на наставата, или во краен случај, да приспособат некоја друга куќа за оваа намена, бидејќи многу села, а особено во Дебарска Жупа, немале училишни згради.
Со ударничка и доброволна работа зградите ги поправиле. Таму каде што немало такви простории ги адаптирале поубавите приватни куќи.
Според сочуваната документација, при обновата на училиштата, се гледа дека сите села најмногу тешкотии имале за: прозорци, штици, ќумбиња, клупи, црепови, тули, училшни табли, училишни прибори за учење и слично. Додека се вршеле поправки на училиштата, поставените учители вршеле упис на децата и тоа без разлика на возраст, бидејќи скоро сите биле неписмени. Притоа без разлика на возраста, требало да се образуваат од почеток, од прво одделение. Поради тоа, многу возрасни деца не сакале да одат на училиште, бидејќи биле поголеми од другите, а некои пак не ги пуштале родителите поради домашни работи.
Во декември 1944 година, бил одржан првиот педагошки семинар за „ Правоначелни основни учители“ во траење од 15 дена. Семинарот отпочнал со работа од 11 декември 1944 година. Него го посетувале 27 учители од кои 16 Македонци и 11 албански учители. Во повеќе села во Дебарска Жупа се поставени учители. Така, во село Житинани во кое учеле и ученици од Кочишта и Вапа за учител бил поставен Кипро Славковски.
Во доставениот список на запишани ученици во ноември 1944 година, по име и презиме биле запишани 49 Македонци муслимани (тогаш нарекувани торбеши) и 11 ученици Македонци. Во едно писмо учителот Кипро Славковски се жали за нередовноста на Македонците муслимани, и притоа пишува : „Муслиманските деца не сакаат на училиште“.
Во учебната 1944/1945 година во Дебарска Жупа се отворени училишта на македонски, турски и албански јазик. Така, училишта на македонски наставен јаик биле отворени во селата: Голем Папрадник, Рајковци, Житинени, Броштица, Горенци и други. На турски наставен јазик отворени се училишта во: Коџаџик-Елевци, Новак, Коџаџик, Долгаш и Брештани, а на албански наставен јазик во село Баланци. Бројот на запишани ученици не е целосно познат, бидејќи во првите две-три учебни години доста варира, зашто некои иако биле запишани, не оделе редовно на настава. Околу проблемите на кој наставен јазик да се образуваат децата во Дебарска Жупа, а посебно децата кои се од Македонците муслимани, Просветниот оддел на Дебарската околија, бил принуден да даде едно целосно и многу важно упатсво до сите училишта во Жупа. Тоа е доставено на 23.11.1944 година. Во него, покрај другото, го пишува и следното: „ Во местото каде се говори мајчин турски јазик или албански јазик, наставата се врши на говорниот мајчин јазик, а таму каде се изјавуваат македонски како мајчин јазик, наставата ќе се врши на македонски“.
Во декември 1944 година, околискиот просветен прочелник им наредил на општинските народноослободителни одбори во Баланци и Папрадник „ да го приспособат училиштето за работа, пошто је и за Папрадник назначен учител“. Вакви дописи и писма се доставени скоро до сите поголеми села. Во повеќето села во Дебарска Жупа уште во ноември се почнало со работа, но под многу тешки услови. За тоа се жалеле повеќе учители до Околискиот народноослободителен одбор во Дебар, а особено за неуредни простории, немање на инветар, нередовност на учениците, немање на исхрана за учителите, иако „ за учителите селаните им обезбедувале исхрана“.
Во какви услови работеле учителите во Дебарска Жупа во текот на1944/145 година, доволно зборуваат доставените поплаки и жалби до Дебарскиот околиски НОО, каде што бараат на сите учители да им се даде еднократна помош.Притоа се вели: „ Страшно е да се помисли човек во какво положение испадват фамилиите на вакви учители и на какви униженија се излага народниот учител, без какви и да е средства за преживување во едно време како што е нашето, при едно баснословно поскапување на предметите од прва неопходност… Во духот на горното, на сите учители да се дајт помош за издршка до 5 јануари 1945 година, за Божиќ“.
Поставените учители по селата биле должни да останат на работните места, но поради немање услови за работа и за живеење, како и поради нередовност на учениците во посета на училиштата, многу од нив ги напуштиле селата.
Поради тоа, Дебарскиот општински НОО, преку Просветното одделение бил принуден да испрати наредба до сите училишта, како и во Дебарска Жупа, со следното предупредување: „ Естит утврдено да селските учители се удалени од работа со или без дозволите од тије одбори. Оваја имат изазвано прекидањето на наставата и зауставление на редот просветни. За да се окончат овја неред наредуваме да от сега ниеден учител не му се дават дозвола за неговото удаление од должноста без знанието на овја одбор (оддел за просвета)“.
При крајот на 1944/45 година, во Дебарска Жупа настапиле проблеми околу запишувањето на децата и неписмените селани и тоа во прво одделение. За таа цел Дебарскиот околиски НОО го испраќа следното напаствие:
1.Децата поголеми од 10 години да не се запишуват во прво одделение, а за нив да се оранизира аналфабетски курс. 2.Учењето на основното училиште е задолжително од 1 до 7 одделение. Родителите на учениците кој не посетуваат редовно или никакво учение да се глобјавет. 3.Обраќањето меѓу учителите и учениците ќе се обавува вака: „ Мили деца или мили ученици!, Добар ден драги деца, а учениците одговараат добар ден драги учителе или учителке!, никако даскале или даскалке“.
И покрај напаствијата, редовноста на учениците останала како проблем.. Многу родители децата не ги пуштале на училиште, некои едноставно не сакале, а некои родители по традиција децата ги користеле за чување на стоката. Ова појава била присутна кај децата од сите народности, а особено кај Македонците муслимани. Дебарскиот околиски НОО, скоро секој месец доставувал наредби, а посебно во Дебарска Жупа, и тоа не само преку училиштата туку и преку народната власт.
Ќе изнесеме една од многубројните наредби: „ Се наредува да се преземат најостри мерки за учениците од село Папрадник да одат редовно на училиште било машки или женски без разлика, у противном да се постапи по дадената наредба“.
Околискиот просветен референт од Дебар уште во почетните месеци во 1945 година постојано бил во посета во селските училишта и давал директни напатсвија како да се работи. Таа задача ја вршел искусниот учител Новак Коловски. Тој го посетил скоро сите училишта во Дебарска Жупа,при што за своите посети составувал записници, во кои исцрпно ги изнесувал согледувањата за наставно образовниот процес. Така, во записникот од посетата на работата во народното училиште во Голем Папрадник, составен на 31 мај 1945 година, за учебната 1944/45 година го пишува следното:„ Во ова училиште има едно одделение составено од I и II разред. По уписницата има 84 ученици и ученички. Во ова училиште работи учителот Евгениј Колеќевски, а училиштето отпочнало со работа од 16.II.1945 година. Тој има работел внимателно, совесно и со голема волја. Наставното градиво е обработувано правилно према наставниот план и програм и во доволна количина. Припремата за почетни читања и пишење исто така е обработено успешно. Така да децата читаат правилно и со разбирање. Букварската настава е изводена правилно. Стеченото знаење кај учениците е постанато нивна лична своина, со која ќе можат во својот живот да се послужат, затоа што је наставата спроведена, базирајќи се на нивните психофизички развитиа. Рачунската настава се изведит нормално и се засниват на задачи од стварниот живот. Исто така и останатите наставни предмети се застапени правилно. Другарот Колеќев, како млад учител, почетник со полна спрема је изграден во својот позив, пратит со големо интересирање современите педагошки принципи и прашања. Принципот корелација и комплексна настава застапвит во својата училишна работа. Со учениците и ученичките односот му е благ и родителски, а со народот другарски“.
Бо оновното училиште од село Житинени на 30 мај 1945 година е извршена ревизија за работата. Притоа е констатирано дека имало само едно одделение во кое се запишани 60 ученици од кои 35 машки и 25 женски, а почнале со работа на 28.11.1944 година. Учител бил Кипро Славковски. За проблемите со кои се судрувало ова училиште во записникот, поктај другото пишува: „ Другарот Славковски својта должност ја имат вршено совесно. Али по причина да училиштето неје во исправно стање, да ученичките родители не сакале да гу пуштајет редовно своите деца на училиште, наставата је течела многу нередовно, успехот је показан слаб и ниедно дете немат да префрлит во постар разред. Кривицата неје од учителот пошто тој се обраќал честопати до селскиот и општинскиот Н.Одбор, али тије не му излагале во сусрет, веќе се изговарале да им се децата потребни за полски работи и да не се во стање да можат да го поправат училиштето“. Додека во еден записник за работа на Основното училиште во Елевци, кај што бил Дамјан Славковски биле запишани 48 ученици од кои 28 машки и 20 женски во I и II одделение , наставата по тие предмети успешно била предадена и совладана од учениците“.
За учебните 1946/47 година и 1947/48 година, многу малку се сочувани податоци. Единствено е сочуван податок дека во Дебарската околија во 1946 година работеле 26 аналфабетски курсеви од кои 15 на македонски, 8 на албански и 3 на турски јазик. Овие курсеви ги посетувале 502 машки и 78 женски или вкупно 580 посетители, а од нив успешно завршиле 290 ученици. Успехот бил минимален затоа што „ кампањата започал доцна така да немаше време да се направи план кој би се реализирал. Причината е таа што не се кампањски свати сериозно од сите масовни организации, но беше целата работа оставена на просветниот одбор“.
Во учебната 1948/49 година, сочуван е еден преглед на запишани ученици, како што следува: 1.Во основното училиште Баланци имало 35 ученици кои учеле на македонски јазик и 32 албански јазик, 2.Брештани 73 ученици на турски јазик; 3.Броштица 81 ученикна македонски јазик; 4.Горенци 50 ученици на македонски јазик; 5.Голем Папрадник 118 ученици на македонски јазик; 6.Долно Елевци 6 ученици на турски јазик; 7.Горно Елевци со 118 ученици на турски јазик; 8. Житинени 2 ученици на македонски јазк; 9. Кочишта 13 ученици на македонски јазик; 10.Коџаџик 103 ученици на турски јазик; 11. Долгаш 33 ученици на турски јазик и 12Пареши 19 ученици на македонски јазик.
Инаку, во Дебарската околија при крајот на учебната 1948/49 година, бројот на учениците според изведувањето на наставното јазично подрачје изнесувал 3780 од кои 2006 машки и 1774 женски ученици, а посебно како слушатели по јазични подрачја бил следниот: 1.На макдонски јазик 2787 од кои 1298 машки и 1189 женски ученици; 2. На турски јазик 486 од кои 268машки и 218 женски ученици и 3. На албански јазик 806 од кои 439 машки и 367 женски ученици.
Според некои податоци, за образовниот процес во Дебарската околија, а делумно и за Дебарска Жупа, заклучно со учебната 1950/51 година, во оваа учебна година се образувале 3579 ученици, од кои на македонски мајчин јазик 2325, на албански 783 и на турски јазик 471 ученик. Наставата се изведувала во 32 основни училишта на македонски јазик, 17 албански и 7 турски јазик.
Биле отворени 10 аналфабетски курсеви, а неписмени имало и во селата Голем Папрадник 35, Коџаџик 35, Елевци 35 итн. Интересно е дека во овој извештај дадени се некои проблеми за текот на наставниот процес. Овде презентираме само дел од нив:
„Во учебната година да се воведе полн ред и обезбедена редовност кај учениците. Една особена пречка, нарочно во малцинските селски училишта и кај Македонците кај што живее торбешко население, кај родителите има сосема неодговорен однос кон своите деца, а посебно во Могорче, Мал и Голем Папрадник, Косоврасти и други“.
Мошне интересен е статистичкиот податок за бројот на населението во 1954 година. Така, во Дебарска Жупа живеле 2.847 Турци, 2353 торбеши (Македонци муслимани), 150 Македонци и 167 Албанци. Или вкупно 5.517 жители. Според тоа, наставниот процес кај Македонците муслимани во Дебарска Жупа по завршувањето на Втората светска војна, се одвивал на македонски мајчин јазик