Доколку денеска се одржат локални избори, граѓаните повеќе преферираат кандидати на СДСМ кои би освоиле 19% од гласовите, додека предложените кандидати од ВМРО-ДПМНЕ би имале поддршка од 16%. Трета партија, според рејтингот, би била ДУИ за чии кандидати би се одлучиле 8%, а зад неа се Алијанса за Албанците и Левица со поддршка од 4%. Вкупно 21% одговориле дека не знаат за кого би гласале, а 9% воопшто нема да гласаат.

Од политичките личности, Заев е прв според довербата на граѓаните но со пад од 13 на 10 проценти за една година. На второ место е лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски со 6 проценти доверба исто како и лани во февруари. Раст на личниот рејтинг имаат и изедначените Али Ахмети и Зијадин Села со по 5 проценти доверба, иако поголем раст има Села. Димитар Апасиев има раст на 4 проценти личен рејтинг на доверба, додека изненадувачки раст од 3 на 4 проценти има и бегалецот Никола Груевски. Следуваат претседателот Стево Пендаровски, изедначените Билал Касами и Венко Филипче. Најмногу анкетирани, 13 %  рекле дека немаат доверба во ниту еден политичар.  На прашањето пак кој од министрите најдобро ја врши својата работа Венко Филипче е веднаш зад Зоран Заев .

За Скопје 69% од анкетираните сметаат дека не се задоволни од работата на градоначалникот Шилегов но според анкетираните  21%   би гласале за кандидат на СДСМ ,  16%  за кандидат на   ВМРО-ДПМНЕ , 8% би гласале  за ДУИ, а 7% за ДПА и 4% за кандидатот на Левица. Дваесет отсто од испитаниците одговориле дека не знаат за кого би гласале.

Според анкетата на ИРИ СДСМ би го изгубила Ѓорче Петров, а би ги добила Куманово, Охрид, Штип.  Во Тетово води  ДУИ а во Гостивар води Алијансата на Албанците . Граѓаните немаат доверба во локалните власти а не би поддржале и реизбор на градоначалник од нивната опшптина туку сметаат дека треба да се избере друг кандидат.

Двете најголеми партии сега се во мртва трка, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се изедначени на 16 %, по нив следуваат ДУИ, Алијансата, па Левица која бележи најголем раст во период една година.

Според граѓаните, два најголеми проблеми во државата се невработеноста и недостатокот на вакцини односно Ковид пандемијата. За граѓаните и натаму најгорливи прашања се економската состојба, сиромаштијата и лошиот стандард и неисплаќањето на плати и пензии. Потоа следуваат корупцијата и криминалот, иако заеднички овој проблем би бил на 4-тата позиција според граѓаните.

За разлика од државно ниво, за анкетираните скопјани редоследот на проблеми е поинаков, после засилената градежна офанзива низ главниот град, најголем проблем за жителите на Скопје е урбанистичкото планирање и развојот. Потоа следува невработеноста па загадувањето на воздухот.

Анкетата е спроведена во периодот март/април на репрезентативен примерок од 1.222-ца испитаници со маргина на грешка од 3,6 %.