Министерот за надворешни работи Бујар Османи, на состанокот на парламентарната комисија за надворешна политика не даде никакви детали за преговорите со Бугарија. Според него, само португалскиот предлог е дел од преговорите, кој се грижи да ги заштити интересите на Македонија, но и на Бугарија.
„Важно е да се потенцираат фактите и ситуациите за кои не можам да навлезам во детали во интерес на самиот процес. Тоа што знам е дека ова е најважното прашање за кое се загрижени граѓаните, верувам дека отсекогаш сме биле јасни дека идентитетските прашања како што се македонскиот јазик, македонската етничка припадност, Македонците, не се и не можат да бидат на маса како дел од преговорите.”
За ВМРО-ДПМНЕ, чии пратеници беа иницијатори за отчетот во Собранието, власта ги избегнува деталитe и ова предизвикува сомневања дека македонскиот јазик и идентитет се загрозени во преговорите.
Алијанса за Албанците и Алетрантива го обвини министерот Османи дека избегнува одговорност, за давање отчет за надворешната политика.
„Замислете дека нашиот мандат е верификуван од 4 август, имаме толку многу текови што се случуваат во надворешната политика, толку многу шпекулации, толку многу озборувања што ние како пратеници сме биле надвор од тие текови.
Пратеникот на БЕСА, Кастриот Реџепи рече дека спорот со Бугарија не треба да се злоупотребува пред локалните избори.
“Не воведувајте ја оваа тема за да станете тема за предизборна кампања, иако знаеме дека ќе имаме локални избори на есен и мислам дека некои од темите не треба да се ризикуваат, да бидат поставени како теми за политички поени”.
На крајот од седницата, пратениците од ВМРО ДПМНЕ предложија Собранието да донесе Резолуција со која се отфрла Декларацијата донесена во 2019 година од бугарскиот парламент. Во Резолуцијата треба да се наведе став за итен и безусловен почеток на преговорите за членство во ЕУ, со рамка за преговори која нема да биде оптоварена со билатерални прашања, а Собранието во Резолуцијата треба да го потврди општиот став каде прашањето за историјата, образованието и културата да се дефинираат како суверени права на секоја држава.