Советникот за национална безбедност, Џејк Саливан, изјави дека по самитот со претседателот на Русија, Владимир Путин, САД формирале „јасни ориентири“ и очекувања кои ќе го одредат прогресот во билатералните односи.
– Резултатите од посетата се дека изработивме општа стратегија со сојузниците и установивме некои јасни ориентири околу Русија, некои јасни очекувања, изјави Саливан на брифингот синоќа во Белата куќа.
Според него, на Путин му било опишано каков потенцијал поседуваат САД „во случај тие да не преземат мерки против злосторниците кои ја напаѓаат нашата критично важна инфраструктура“.
Истакна дека на средбата Бајден директно ги допрел прашањата поврзани со човековите права, вклучително и неправедното задржување на опозицискиот лидер Алексеј Навални и обидите да се ограничи работата на Радио Слободна Европа/Радио Слобода.
И покрај очевидните проблеми, Саливан истакна дека двете страни постигнале одреден прогрес.
– Како прво, двајцата претседатели се договорија да ги вратат амбасадорите во престолнините. Амбасадорот Саливан ќе се врати во Москва, а амбасадорот Антонов ќе се врати во Вашингтон, изјави тој.
Во вообичаениот работен режим треба да се вратат и службениците во амбасадите, и руските вработени и Американците, а тоа било гарантирано и од Путин.
Советникот истакна дека Бајден отворено му изразил на рускиот колега несогласност околу низа прашања.
– Тој ја оспори неговата позиција по повод Алексеј Навални, по повод незаконското задржување на Американци во Русија, и штетните кибер активности на Русија, вмешаноста во изборите.
Истакна дека во низа други области, претседателот Бајден јасно и директно му објаснил на Путин какви се очекувањата и потенцијалот на Америка.
– Тој јасно и директно укажа околу кои прашања ќе се држи цврсто за своето и ќе му даде отпор на Путин, истакна Саливан.
Според него, САД наскоро ќе дознаат дали е можен прогрес со Русија во однос на прашањата за кибер безбедноста, стратешката стабилност и контрола над вооружувањето, а и такви регионални прашања како Авганистан, Сирија и Иран.