Обвинителката Вилма Русковска ќе добие кривична пријава, но одбраната на Стевчо Јакимовки ќе почека прво тоа да го стори Љубомир Јовески, што според нив е негова законска обврска, пренесува ТВ АЛФА. Доколку републичкиот јавен обвинител не постапи, дури тогаш тие ќе поднесат кривична против обвинителката. Ова доаѓа по тврдењата на Бојан Јовановски, дека шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, му барала камера за да биде снимано апсењето на поранешниот градоначалник на Карпош.
-Не само по еден, по три члена од Кривичниот законик, таа има прекршување. Значи имаме нејзино влијание на јавноста, нејзино влијание во предметот. Имаме дури сето она кое што медиумите го направивте, паралелата со случајот на господинот Љубе Бошковски е слична и во овој случај. А секако имаме и класична злоуптреба на службена положба, изјави адвокатот на Јакимовски, Виктор Цветковски.
Адвокат Цветковски, вели дека од претходно било јасно, дека кривичните пријави, како и потезите на обвинителката Русковска, биле политички мотивирани и темпирани во моменти на жешки политички случувања во Македонија.
-Од ова гледаме дека неслучајно беа отварани истраги за Стевчо Јакимовски, дури во фаза кога се бореше со карцином, и тоа го знаеја во тие ПИ мерки кои ги имаа водено против него. Секое апсење и секоја нова истрага на господинот Јакимовски, беше поврзана со некој голем политички процес во државата. Тоа беше референдумот, тоа беа претседателските избори, парламентарните предвремени избори, изјави Цветковски.
Покрај кривична според Цветковски, Русковска треба да добие и дисциплинска пријава од републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески. Доколку се покажат точни тврдењата на Боки 13, обвинителката најмалку што ќе мора да одговара е прекршување на членот 143 од Кривичниот законик. Таму се наведува дека доколку на некој начин се понижува човечкото достинство и личност, ќе се казни со една до пет години затвор.