Ерменскиот премиер Никол Пашињан денеска предложи, поради нестабилност, руски погранични сили да бидат стационирани долж границата меѓу Ерменија и Азербејџан, во услови на зголемени тензии меѓу Ереван и Баку.
Ерменија и Азербејџан се обвинија денеска за кршење на прекинот на огнот поддржан од Русија, а кој двете страни го прифатија претходниот ден за да запрат смртоносните судири околу заедничката граница.
– Со оглед на моменталната ситуација, мислам дека има смисла да се разгледа прашањето за распоредување на руски граничари долж ерменско-азербејџанската граница, истакна Пашињан на владината седница.
Тој додаде дека Ереван се подготвува да разговара за предлогот со Москва и дека тој потег ќе овозможи демаркацијата и разграничувањето на границата да се изврши без ризик од воени конфликти.
Ерменското Министерство за одбрана претходно соопшти дека азербејџанските трупи отвориле оган врз ерменските позиции во раните утрински часови денеска, што ја натера Ерменија да одговори на нападот, додека Министерството за одбрана на Азербејџан наведе дека ерменските сили извршиле напади со пешадија и артилериско оружје и дека азебејџанската армија возвратила.