Белоруската атлетичарка Кристина Тимановскаја тврди дека била одведена на лет за Белорусија против своја волја, откако ги критикувала тренерите на Олимпијадата во Токио.
На аеродромот во Токио Ханеда, таа истрчала кон полицијата за да добие заштита од неа и да го избегне летот до дома.
“Нема да се вратам во Белорусија. Мислам дека сега сум безбеден. Јас сум со полицијата”, изјавила Циманоскаја за фотографот на Ројтерс, кој бил на местото на настанот.
Во официјалната изјава, Белорускиот олимписки комитет ги навел советите на лекарот за нејзината емоционална и ментална состојба како причина за нејзиното повлекување од Игрите.
“Кристина Тимановскаја, која јавно ги критикуваше режимот и спортските службеници, се испраќа од Токио назад во Белорусија. Очигледно, претставниците на белоруската репрезентација ја однесоа на аеродром. Изгледа како киднапирање. На прашањето дали се плаши од враќањето во Белорусија, таа одговори: „Да“, напишала новинарката од Минск, Хана Љубакова на Твитер.
Атлетичарката тврди дека нејзиниот стручен штаб дошол во нејзината соба и и` рекол да се подготви за патувањето и дека потоа ја однеле на аеродром пред да и се даде можност да се натпреварува во спринт (200 метри) и штафета (4х400).
Покрај тоа, таа тврди дека била исфрлена од тимот затоа што зборувала за проблемите со белоруските тренери на Инстаграм. Таа јавно ги критикувала за негрижа и неспособност, па лидерите на тимот одлучиле да ја испратат дома на несоодветен начин. На крајот, таа побарала азил од јапонските власти.
Според новинарката Хана Љубакова, Циманоскаја пристигнала на аеродромот во придружба на психолог и Васил Јурчук, претставник на Белоруската национална олимписка федерација.
Нивната задача била да ја отстранат од Олимписките игри и да ја спроведат до авионот за Белорусија, но таа истрчала и побарала помош од јапонската полиција.