Повеќе од десетина шефови на држави и влади, милијардери, но и светски музички ѕвезди, криеле милиони средстав на тајни офшор сметки во даночните раеви, се наведува во истрагата објавена денеска од Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари (ИЦИЈ).

Истрагата за таканаречените „Пандора документи“, во која учествувале околу 600 новинари од десетици светски медиуми, вклучувајќи ги „Вашингтон пост“ и „Гардијан“, се темели на протекување на околу 11,9 милиони документи од 14 компании за финансиски услуги ширум светот.

Милионите документи доставени до новинарите откриваат како светските лидери, милијардери и познати личности ги користат даночните раеви.

Меѓу големите риби чии финансиски конструкции се откриени се поранешниот британски премиер Тони Блер, кралот на Јордан и кенискиот претседател Ухуру Кенијата, чешкиот премиер Андреј Бабиш, украинскиот претседател Володомир Зеленски, мароканската принцеза Лалја Хасан…..

Банкарските сметки на офшор локациите често пати се користеле за тајно преместување огромни суми пари и прикривање на даночните обврски.

Истражувањето на Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари (ИЦИЈ) и 150 медиуми низ целиот свет покажа дека 330 јавни службеници ширум светот се поврзани со офшор сметки.

Меѓу нив се министрите за финансии на Пакистан, Холандија и Бразил, како и поранешните министри за финансии на Малта и Франција – вклучувајќи го и поранешниот шеф на Меѓународниот монетарен фонд, Доминик Строс -Кан.