Маѓепсан круг што го поврзува исцрпувањето на природните ресурси со насилни конфликти можеби ја надминал границата без враќање назад во некои делови на светот и најверојатно ќе се влоши со климатските промени. Ова е посочено во новиот извештај на Институтот за економија и мир (ИЕП).
Несигурноста во храната, недостигот на вода и влијанието на природните катастрофи, заедно со високиот раст на населението, го разгоруваат конфликтот и ги раселуваат луѓето во ранливите области, предупредува Институтот за економија и мир.
Институтот користи податоци од ОН и други извори за да ги предвиди земјите и регионите со најголем ризик во својот „Регистар на еколошки закани“.
Серж Стробанц, директор на ИЕП за Европа, Блискиот Исток и Северна Африка, рече дека во извештајот се идентификувани 30 земји што се „жешка точка“ – дом на 1,26 милијарди луѓе – кои се соочуваат со најголем ризик.
Ова се базира на три критериуми поврзани со недостигот на ресурси и пет фокусирани на катастрофи, вклучувајќи поплави, суши и зголемени температури.
„Не ни требаат климатски промени за да видиме потенцијален колапс на системот, само влијанието на овие осум закани за животната средина може да доведе до ова – се разбира, климатските промени ги влошуваат“, рече Стробанц.
Авганистан го добива најлошиот резултат во извештајот, во кој се вели дека тековниот конфликт во земјата ја оштетил нејзината способност да се справи со ризиците за снабдувањето со вода и храна, климатските промени и поплави и суши. Конфликтот, пак, доведува до понатамошна деградација на ресурсите, според наодите во извештајот.