Американските адвокати денеска започнаа нов обид за екстрадиција на Џулијан Асанж од Велика Британија, тврдејќи дека загриженоста за менталното здравје на основачот на Викиликс не треба да биде пречка за соочување со американската правда.
Асанж се соочува со 18 точки од обвинение во САД, вклучително и едно за кршење на законите за шпионажа, откако неговиот Викиликс објави илјадници тајни американски досиеја и дипломатски пораки во 2010 година. Во тоа време беа објавени стотици илјади дипломатски документи и досиеја, откривајќи воени злосторства извршени од американските војници за време на воените операции во Авганистан и Ирак.
САД велат дека со протекувањето на податоците е прекршен законот и оти биле загрозени животи, додека Асанж верува дека случаите се политички мотивирани.
САД ја обжалуваат одлуката на Окружниот суд во Лондон од 4 јануари Асанж да не биде екстрадиран во Америка бидејќи најверојатно би се самоубил во затвор во САД.
Адвокатот Џејмс Луис изјави пред судот дека САД се осврнале на загриженоста на судијата на окружниот суд давајќи гаранции за Британија за тоа како ќе се однесува со Асанж доколку биде екстрадиран.
Овие гаранции вклучуваат дека тој нема да биде подложен на збир на строги услови на притвор познати како посебни административни мерки и нема да биде притворен во затворот со максимална безбедност во Форенс, Колорадо. Американските власти, исто така, ја уверија Британија дека ќе се согласат Асанж во Австралија да ја отслужи секоја казна низречена во САД.
Неговите адвокати ги отфрлија американските гаранции, велејќи дека тој може да биде задржан во друг затвор кој има максимална безбедност и под репресивни услови што може да доведат до негово самоубиство.
Тие, исто така, рекоа дека Австралија не дала никакви индикации дека ќе се согласи Асанж да биде префрлен таму за да отслужи казна и дека тој ќе биде изложен на висок ризик додека чека трансфер.
Асанж, кој негира дека извршил какво било кривично дело, е во лондонскиот затвор Белмарш од 2019 година. Тој беше уапсен откако беше протеран од амбасадата на Еквадор во Лондон поради кршење на условите за кауција.
Тој влезе во амбасадата во 2012 година за да избегне екстрадиција во Шведска каде што се соочуваше со обвинение за сексуален напад, што тој го негираше. Обвиненијата против него во Шведска оттогаш се отфрлени.
Асанж помина седум години во амбасадата на Еквадор во Лондон, која исто така му даде еквадорско државјанство. Откако еквадорскиот претседател Ленин Морено објави на Твитер во април 2019 година дека Еквадор донел „суверена одлука да го повлече азилот“, британската полиција го уапси основачот на Викиликс.
Жалбеното рочиште е предвидено да трае два дена, а одлуката на судот се очекува подоцна.
Доколку му се суди во САД, Асанж би можел да се соочи со затворска казна до 175 години за стекнување и објавување доверливи документи.