Агенцијата за кредитен рејтинг „Фич“ го потврди кредитниот рејтинг на Република Македонија на „ББ +“, со негативен изглед. Во извештајот, Фич нотира дека потврдениот рејтинг во услови на пандемија е резултат на спроведувањето добри политики на владеење, развојот на човечкиот капитал, како и кредибилната и кохерентната макроекономска и финансиска политика конзистентна со долго одржуваниот фиксен девизен курс.
Агенцијата, како што соопшти Министерството за финансии, предвидува раст на македонската економија од 4,1 отсто во 2021 година и 4,3 отсто во 2022 година, како резултат на поволните економски услови на клучните извозни пазари. Домашната кредитна достапност, континуираниот раст на платите и јавните инвестиции ќе ја поддржат домашната побарувачка, но закрепнувањето во целост ќе зависи од развојот на пандемијата и стапката на вакцинирано население, посочуваат од „Фич“.
„Фич“ во извештајот наведува дека процесот на евроинтеграција помага за зацврстување на политиките, поддршка на извозот, прилив на странски директни инвестиции и др.
Очекувањата на Агенцијата за буџетскиот дефицит за 2021 година се дека ќе изнесува 6,1 отсто од БДП, што е пониско од ревидираната владина проекција која изнесува 6,5 отсто од БДП. Како што е наведено во извештајот, Предлог-буџетот на Владата за 2022 година е во согласност со Фискалната стратегија 2022-2026 година, која предвидува опаѓање на буџетскиот дефицит на 4,3 отсто и 3,5 отсто од БДП во 2022 и 2023 година, респективно, пред да достигне 2,2 отсто од БДП до 2026 година.
Според „Фич“ усвојувањето на новиот Закон за буџети може да обезбеди силна поддршка за фискалната консолидација преку воведување на обновена фискална рамка, вклучувајќи фискални правила и формирање фискален совет.
Агенцијата очекува државниот долг да достигне 53 отсто од БДП до крајот на ова година и 55,3 отсто од БДП до 2023 година. Буџетскиот дефицит би се спуштил на 3 отсто од БДП до 2023 година, додека нето странските директни инвестиции се очекува да се позиционираат на 3,1 отсто од БДП до 2022 година, целосно финансирајќи го дефицитот на тековната сметка.
Кредитниот рејтинг на една земја, како што велат од Министерството за финансии, го покажува степенот на ризик од инвестирање во неа, и е еден од клучните индикатори коишто потенцијалните инвеститори ги земаат предвид при носење на нивните одлуки.
Кредитниот рејтинг позитивно влијае врз одлуките за инвестирање во една земја, што понатаму има идно влијание врз зголемувањето на економскиот раст, зголемувањето на извозот, зголемена вработеност и повисоки плати. Потврдата на кредитниот рејтинг на државите во време на пандемија, исто така влијае, и врз намалување на трошоците за долгот на државата, со што се постигнуваат заштеди во каматните плаќања, велат од Министерството за финансии.
Фич: Денарот стабилен, банкарскиот систем отпорен на пандемичниот шок
Денарот останува стабилен – фиксниот курс е клучно сидро на стабилноста на македонската економија. Девизните резерви достигнаа 3,7 милијарди евра во септември и со оглед на добрата надворешна позиција, очекуваме дека ќе бидат стабилни и во 2022 и 2023 година, одржувајќи соодветна покриеност. Надворешните ризици се дополнително ублажени со репо-линијата којашто Европската централна банка ѝ ја одобри на Народната банка. Ова, како што информира денеска Народната банка, се дел од констатациите на агенцијата за кредитен рејтинг „Фич“, изнесени во извештајот со којшто се потврдува кредитниот рејтинг на земјата.
-Во извештајот е нагласено сведувањето на основната каматна стапка на историски најниското ниво и очекувањето на „Фич“ за олабавена монетарна политика на Народната банка и во следниот период, во отсуство на зголемување на стапката на инфлација во текот на следната година и во отсуство на натамошни притисоци врз домашниот девизен пазар. Притоа, од агенцијата за кредитен рејтинг истакнуваат и дека македонската економија има историја на ниска инфлација и на финансиска стабилност поддржана од кредибилните макроекономски и финансиски политики, што соодветствува на успешното одржување на стабилниот девизен курс на денарот. Во извештајот нагласуваат и дека, тековно, пристапот до надворешно финансирање е поволен, а странските инвестиции се отпорни, се вели во соопштението од Народната банка.
Во него се додава дека од „Фич“ оценуваат оти банкарскиот сектор ја задржа силната основа, и покрај пандемичниот шок и постепеното укинување на мерките на финансискиот сектор за „олеснување“ на финансискиот товар на домаќинствата и претпријатијата. Притоа, се наведува дека банкарскиот систем е соодветно капитализиран и профитабилен.
Според Народната банка, во извештајот е истакнато и тоа дека иако одложувањето на наплатата на кредитите беше речиси целосно завршено во првиот квартал од оваа година, тоа не доведе до позначително зголемување на нефункционалните кредити. Имено, велат од Народната банка, во однос на крајот на минатата година, стапката на нефункционални кредити се зголеми за само 0,1 процентен поен и на 30 јуни годинава изнесува 3,4 отсто, како што е изнесено од агенцијата за кредитен рејтинг.