Бугарската Влада донесе уредба за одобрување дополнителни расходи во буџетот на Министерството за надворешни работи за 2021 година во износ до 600.000 лева (околу 300.000 евра), соопштија од владиниот кабинет.

Средствата се наменети за финансирање на реализацијата на Програмата за поддршка на организациите на бугарските заедници во Република Албанија, Република Србија, Република Косово, Украина и Република Молдавија и на граѓани на Република Северна Македонија со бугарска самосвест, за периодот 2020-2024 година, јави БТА.

Програмата е усвоена со одлука на Министерскиот совет од 16 април 2020 година. Преку неа бугарската држава создаде наменски механизам за поддршка и поттикнување на развојот и зајакнувањето на организациите на историски формираните бугарски заедници во европските земји надвор од ЕУ. Програмата е траен ангажман на Бугарија за периодот 2020 – 2024 година и испраќа јасна порака, како до бугарските државјани во странство, така и до самите држави кадешто се наоѓаат.

Средствата за 2021 година се наменети за финансирање на дел од административните трошоци и за поддршка на културните и образовните активности на бугарските организации.

Како што објави БТА, на територијата на Албанија, Србија, Косово, Северна Македонија, Украина и Молдавија има околу 150 организации со различен опсег на активности и влијание меѓу соодветните бугарски заедници. За имплементација на Програмата во 2020 година беа издвоени и успешно реализирани 500.000 лева (околу 250.000 евра) за 30 проекти во широк спектар приоритетни области и активности, како што се зачувување на бугарскиот културен идентитет и самосвест, промоција на бугарската култура кај локалната јавност, грижа за локалното бугарско културно-историско наследство, помош за зачувување и проширување на опфатот на образованието на бугарски јазик, поддршка за медиумите на бугарски јазик, помош за емитување материјали на бугарски јазик и други.

Владата на Република Бугарија и дипломатско-конзуларните претставништва на земјата под раководство на Министерството за надворешни работи ќе продолжат да работат доследно и со цел гарантирање и остварување на правата и интересите на бугарските заедници во странство, согласно локалното законодавство и нормите на меѓународното право.