Велика Британија денеска повика на меѓународна акција за прашањето на медицинските уреди како што се оксиметрите, кои подобро функционираат на луѓе со посветла кожа, што би можело да ги чини пациентите од етничките малцинства живот за време на пандемијата со Ковид-19.

Британскиот министер за здравство Саџид Џавид рече дека побарал истрага за проблемот откако дознал дека оксиметрите, кои го мерат нивото на кислород во крвта и се клучни за следење на состојбата на пациентите со Ковид, даваат помалку точни отчитувања на пациенти со потемна кожа.

-Ова се случува систематски ширум светот, изјави Џавид, додавајќи дека тоа е расен проблем поврзан со медицинските помагала за кои оксиметарот е добар пример. Тој додде дека причината за несовпаѓањето лежи во фактот што голем број медицински помагала, лекови, процедури и учебници доаѓаат од земји со претежно бело население.

– Сакам да се погрижам да направиме нешто во врска со тоа, но не само кај нас. Ова е меѓународен проблем и затоа ќе работам со моите колеги ширум светот за да го сменам ова. Тој рече дека веќе разговарал за ова прашање со американскиот министер за здравство, кој е подеднакво заинтересиран за темата.

Џавид наведе дека станал свесен за проблемот откако истражувал зошто луѓето со потемна кожа во Велика Британија се несразмерно повеќе погодени од Ковид-19.

Тој додаде дека една третина од пациентите, кои биле примени на интензивно лекување во раните фази на пандемијата, биле припадници на етничките малцинства, што всушност е двојно повеќе од нивниот удел во општата популација.