Европската унија и САД го осудија негирањето на масакрот на албанските цивили во селото Рачак, на Косово во 1999 година, посочувајќи дека ова злосторство е „добро документирано“, пишува Радио Слободна Европа.
Министерот за внатрешни работи, Александар Вулин, одговори дека нивна желба е тој да не биде во Владата на Србија, јави дописникот на МИА од Белград.
-Властите во регионот треба да работат на вистинско определување на минатото од почит кон жртвите. Судовите треба да утврдат дали одредени изјави претставуваат кривично дело. Казната мора да биде пропорционална и мора да ги земе предвид сите елементи на случајот, изјави портпаролот на ЕУ Петер Стано за Радио Слободна Европа (РСЕ).
Така тој одговори на негирањето за масакрот на албанските цивили од страна на министерот Вулин, при неговата посета на филмската екипа која снима филм за настаните во Рачак во јануари 1999 година во околината на Ниш.
-Можеби ЕУ и САД конечно ќе успеат да ме сменат од Владата на Србија, можеби нивната желба нема да биде да ме има во следната влада, можеби некоја убава сообраќајна несреќа ќе ми стави крај на животот, но ништо не може да се направи без вистината за Рачак да не стане видлива и докажана, ништо не може да се направи без да се каже вистината за Рачак и замислената причина за агресијата на НАТО, изјави Вулин, се наведува во соопштението од МВР.
Масакрот во Рачак во 1999 година беше увертира за бомбардирањето на СР Југославија. Пред Хашкиот трибунал беше утврдено дека во тоа село биле убиени 45 албански цивили, меѓу кои и жени и деца, а повеќето од нив биле убиени од непосредна близина.