Никој од нив не го забележа етно-шовинизмот на владејачката партија, која Кичево го прогласи за „воен плен од 2001-та година“ и дека таму не доаѓало предвид Македонец да биде градоначалник. Или, пак, предупредувањето на Али Ахмети до Албанците, за ризикот од тоа да се дозволи Македонци да одлучуваат за „албанскиот град Гостивар.

Ова, меѓу другото го истакнува членот на Президиумот на партијата Левица, Реџеп Исмаил, во интервјуто за Плусинфо, одговарајќи на прашањето за етикетите од политичките противници, политички аналитичари и новинари, кои ги нарекуваат фашисти, националисти и анархисти.

– Во ваквите обвинувања има онолку вистина колку што им е потребно да се замаскира нивната лага – вистина е само тоа дека ние сме против интеграцијата во една воено-злосторничка организација како што е НАТО-пактот. Па, оттука и контрадикторноста во обвиненија – во исто време, во исти контекст, за исти акт сме клеветени и како фашисти и како анархисти!? Ваквите аналитичари и новинари не се ништо друго освен поттрчковци на власта, а тие од власта пак се наши политички противници, па сѐ она што тие ќе го кажат за нас, нивните аналитичари и новинари само го шират преку своите медиуми. Ваквите обиди за оцрнување и дехуманизација на Левица и нејзиното раководство се само одбранбен механизам на власта од бескомпромисната критика која даоѓа токму од Левица – критиката која највеќе ги боли. Туку, зошто ниту еден од овие аналитичари и новинари идеолошки не ја евалуира кампањата на ДУИ од скоро поминатите локaлни избори? Како никој од нив не го забележа етно-шовинизмот на владејачката партија која Кичево го прогласи за „воен плен уште од 2001-та година“ и дека таму не доаѓало во предвид Македонец да биде градоначалник. Или, пак, предупредувањето на (Али) Ахмети до Албанците од Гостивар, во стилот на трибалистички водач, за ризикот од тоа да се дозволи Македонци да одлучуваат за „албанскиот град Гостивар!? Ваквите трнот во окото на другиот го гледаат, но, гредата во своето не ја чувствуваат. Додека, пак, партиите кои се на власт и кои, како самопрогласени претставници на цел еден народ во Македонија, немајќи со што да ја оправдаат катастрофалната состојба на секое поле од секојдневието токму на тој народ, најлесно им е да посегнат по клеветење и изнаоѓање на фиктивна опасност и закана, која ќе биде прикажана како оправдание за девастирачките последици од нивното владеење, вели Исмаил.