Трговците ги почитуваат одлуките на Владата за замрзнување на цените на некои производи, како и за забраната за употреба на пластични кеси, вели директорката на Државниопт пазарен инспекторат, Анета Симеска-Димоска.
– Државните пазарни инспектори на терен континуирано вршат проверки и можам да кажам дека досега не е утврдено непочитување на владината одлука. Односно, нема зголемување на цените на утврдените производи, вели Симеска-Димоска за порталот Фактор.
Според Симеска-Димоска, биле констатирани само неколку прекршувања на прописите од друг карактер, односно во трговските објекти не можела да се најде евиденција од претходните цени на тие производи до 30 ноември, и тие трговци се задолжени до ДПИ да ја достават таа евиденција.
Од 1 декември е забранета употребата на пластичните кеси, кои граѓаните може да ги купат но по многу висока цена од 15 денари.
Државните инспектори прават и такви контроли на терен, и како што вели Симеска-Димоска, и во овој дел нема прекршување на прописите. Но, таа нагласува дека за ова прашање има недоумици кои се појавуваат кај трговците и производителите. Од тие причини, меѓу овие бизнисмени од Сојузот на стопански комори и Државниот пазарен инспекторат е закажана средба за идната недела, на која ќе треба да се дискутира за сите нејаснотии.