Продолжува заевизмот и домат дипломатијата со давање на отстапки без да се добие ништо за возврат, која ја гледавме изминативе години од Зоран Заев, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски при денешната посета на Општина Битола, одговарајќи на прашање во врска со изјавата на новиот член на Извршниот одбор на СДСМ, Андреј Петров дека за нив не е спорно Бугарите да бидат внесени во македонскиот Устав.

Мицкоски истакна дека Петров со оваа изјава штотуку ги почести нашите источни соседи со отстапка без да имаме гаранција дека нешто ќе добиеме за возврат.

-Кога ќе седнеме на преговарачка маса, дали имаме загарантиран влез во ЕУ, дали имаме загарантиран почеток на преговори со ЕУ и со што Бугарите заслужија да дадеме уште една отстапка? Ова е продолжување на домат дипломатијата која што четири години ја гледавме од страна на Зоран Заев, потенцираше Мицкоски.

Мицкоски нагласи дека исто така ова е нечесна политика затоа што за промена на Уставот треба две третини, а ова владејачко мнозинство нема две третини за да го промени.

Тој му се заблагодари на градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, за, како што рече, можноста „заедно да посетиме две семејства кои што 10 години чекаат на тоа што со Закон им припаѓа да им се легализира, а тоа е домот односно кровот над глава”.

-За нив претставува и тоа е навистина значаен сегмент од нивниот живот, но и за нас преставува посебен и значаен сегмент бидејќи го реализираме тоа што сме го ветиле пред граѓаните, овдека пред битолчани. Градоначалникот кажа дека во изминативе четири години близу 800-тини предмети се решени, а сега за помалку од два месеци имаме веќе 1.000 кои што во периодот што следи како акти ќе бидат дистрибуирани до битолчани, рече Мицкоски.

Тој истакна дека навистина е пресреќен што може да ги види среќните лица на тие домаќини и домаќинки кои што го добиваат Решението за легализација на нивното живеалиште.

– Втората тема за која што сакам да зборувам, а тоа е катастрофалната состојба во електроенергетскиот сектор во Македонија, нешто за што зборувавме овдека во неколку наврати во Битола, и најавата од менаџментот и раководството не само во РЕК Битола туку и во поранешно ЕЛЕМ, денешно ЕСМ дека без никаков критериум, без никаква методологија претпоставувам дека тоа ќе биде уште еден партиски реваншизам на Васко Ковачевски и групата околу него кон политичките неистомисленици според нив да бркаат луѓе да ги праќаат на принуден одмор затоа што тие не успеале добро да го менаџираат комбинатот. Односно да постојат основани сомневања дека се злоупотребуваат јавните набавки и на тој начин владее криминал и корупција во самото поранешно ЕЛЕМ, а денешно ЕСМ, појасни Мицкоски.