Откако утринава беше издадено предупредување дека моќно цунами може да го удри западните брегови на САД и Чиле по подводната вулканска ерупција на архипелагот Тонга, американската држава Хаваи е погодена од „мали поплави“  соопшти американската метеоролошка служба.

„Напуштете ги плажите, пристаништата и марините во споменатите области“ е препораката на Националната метеоролошка служба (НВС), која со олеснување информира дека Хаваи не пријавил никаква штета и дека архипелагот претрпел само помали поплави.

Очекуваме влијание на силни струи и поплави на крајбрежните и пониските области“, се наведува во предупредувањето на НВС.

Националното биро за итни случаи во Чиле предупреди на можноста „помало цунами“ да го погоди Велигденскиот остров и другите чилеански архипелази.

„Поради внимателност се објавува повик за евакуација на плажите на архипелагот Хуан Фернандез, островите Сан Феликс, Велигденскиот остров и Чилеанскиот Антарктик по вулканската ерупција на архипелагот Тонга и можноста за мало цунами“, соопшти чилеанската канцеларија за итни случаи.

Жителите на архипелагот Тонга денеска се преселиле на повисоките области бидејќи  ерупцијата предизвика цунами од речиси 1,2 метра. Ерупцијата се слушнала на стотици километри од вулканот Хунга Тонга-Хунга Ха’апаи. Ерупцијата траела осум минути и била толку силна што зазвучела „како далечна громотевица“, дури до островите Фиџи, оддалечени повеќе од 800 километри, соопштија властите на оваа држава.

По ерупцијата на вулканот, цунами бранови беа забележани во главниот град на архипелагот Тонга, Нукуалофи, како и во Паго Паг во Американска Самоа.