ЈП Градски паркинг со години било претворено во партиски штаб на Демократски сојуз, од каде обезбедувале привилегии во вид на службени возила, телефони и простории за луѓе блиски до нив, велат од ВМРО-ДПМНЕ во реакцијата на прес-конференцијата на Демократскиот сојуз.

Според обвинувањата на опозициската партија, директори, министри, функционери и разни раководни кадри од власта со години паркирале бесплатно низ Скопје, со што користеле повластена позиција во однос на граѓаните кои плаќале паркинг и со свој џеб ги финансирале овие партиски кадри и функционери. Тие го повикуваат Борче Јакимовски,член на претседателството на ДС на Павле Трајанов, да каже дали со години од плаќање за паркинг ослободувал функционери на СДСМ и ДУИ.

-Дали од плаќање паркинг биле ослободени возилата на шефот на кабинет на Димитар Ковачевски, Мартин Попов, поранешниот директор на водовод Душко Вескоски, генералниот секретар на СДСМ Миле Зечевиќ, па и поранешниот градоначалник на Аеродром Златко Марин, како и други функционери од СДСМ. Дали е ослободен од плаќање и Агим, зад чиешто име стои името на Артан Груби? Доколку поранешниот директор Борче Јакимовски, ДС и СДСМ молчат јавно ќе ги објавиме регистарските таблички на функционерите кои биле ослободени од плаќање на паркинг, а за нив плаќале граѓаните, велат од ВМРО-ДПМНЕ.