Во постапка со директни преговори без објавување на оглас, државната компанија АД ЕСМ склучила нови договори за изнајмување на механизација со 3 компании, од кои највреден е оној со „Марковски компани“ која добила огромни 2 милиони евра.
Според официјално достапни информации државната компанија за производство на струја АД ЕСМ (ЕЛЕМ) спровела нова тендерска постапка по пат на директни преговори без претходно објавување на оглас за ангажирање на помошна механизација за ископ на јаглен во РЕК Битола.
Податоците од Бирото за јавни набавки велат дека, преку таканаречени рамковни спогодби, АД ЕСМ месецов склучила договори за ангажирање на помошна механизација со 3 компании, чија вкупна вредност изнесува над 230 милиони денари или околу 3,7 милиони евра.
ЕСМ тврди дека ситуацијата била итна и затоа морало да се оди на директни преговори без тендер, но немаат објансување зошто дозволиле да се дојде во ситуација на итност.
„Итноста од потребата за реализација на оваа набавка е во насока на одржување на стабилноста на производството на планирани количини јаглен, но и за сите дополнителни планови за производство на јаглен кои во моментот беа неопходни да се изработат со цел олеснување на енергетската криза во која се наоѓа нашата земја“, стои во образложението на компанијата.
Од таму тврдат дека енергетската криза, чиј максимум доправа се очекува, налага брзо да се реагира во поглед на снабдување на доволни количини на јаглен за работа на термоелектраните во РЕК Битола.