Официјална Москва ја прогласи Македонија за непријател. На списокот на земји, кој го објави руската Влада, се најдоа земјите-членки на ЕУ, САД, но и сите останати кои воведоа санкции кон Русија. Шефот на дипломатијата Бујар Османи вели дека Министерството не е информирано за променет став на Русија во нејзиниот третман кон земјава, пренесува Алсат.

„Нашата позиција кон Руската Федерација во контекст на оваа агресија е јасно искажана, таа е јавно манифестирана и ние ќе се придружиме на сите одлуки на Европската Унија во осуда, но и во дефинирање на односот којшто ќе го имаме со Руската федерација, но тоа ќе го направиме во координација со ЕУ, а не врз основа на билатерална одлука“, рече Османи.

Во однос на објавата на официјалните канали на социјалните мрежи на руската амбасада во земјава, во која се вели дека тие внимателно ги евидентираат сите инциденти поврзани со русофобија во светот, Османи кажа дека станува збор за класична закана.

„Ние ја интерпретираме како таква, како закана којашто е надвор од нормалната дипломатска комуникација помеѓу две држави. Врз основа на тоа после овој состанок, имам организирано средба во министерството за да одлучиме која ќе биде нашата реакција“, изјави Османи.

Во контекст на евроинтеграцијата, министерот рече дека започнало да преовладува мислење кај земјите-членки дека прашањето на проширувањето на Унијата, веќе не е само политичко, туку и безбедносно. Според него, за Македонија нема директна закана за евентуална дестабилизација, но поради руското влијание во регионот и растечките национализми, треба да се биде внимателен.