Министерката за одбрана на Република Македонија, Славјанка Петровска пречекана со поздрав на македонски јазик и изведба на „Јовано, Јованке“ од страна на британскиот воен оркестар при нејзината посета на Обединетото Кралство и средбата со британскиот министер за одбрана, Бен Валас.
Како што се гледа и слуша од видеото што го пласираше Министерството, а кое е насловено како „Церемонија за официјален пречек на МО Петровска во Лондон“, таа застанува на подиумот, додека британскиот министер не се качува, потоа следи поздравот на македонски и изведбата на песната.
Во нормални околности, би очекувале двајцата министри да се искачат на подиумот, а потоа да бидат интонирани химните на двете земји.
Значи, прашањето е: каде е химната на Република Македонија при посетата на министерката Петровска на Велика Британија, ако, како што, претходн најави, а потоа и извести МО, ова е „церемонијата за официјален пречек на МО Петровска во Лондон“?
Настрана тоа што некои од т.н. „македонски“ медиуми на Северна известија дека Британците ја изненадија Петровска со „Јовано, Јованке“!
Како тоа ја изненадиле, кога МО ја најави изведбата на песната во информацијата за тоа дека почнува посетата на Петровска на Лондон, не е сосема јасно! Настрана тоа дека при протоколите за една средба нема изненадувања, туку сето однапред се најавува и прецизира.
Се разбира, не е интонирана ни британската химна, па сето ова може да се покрие на тој начин.
Според наши извори, иако сите нијанси на британскиот протокол не ни се познати, во принцип во Британија химните се изведуваат ако станува збор за државна посета по покана на кралицата, па на тој начин може да се протолкува и овој настан, во кој случај не би станувало за злонамерна замена на македонската химна со „Јовано, Јованке“, туку за искажување чест кон Македонија и нејзиниот претставник.
Сепак, во услови кога сме негирани и кога постојано избиваат скандали со нашата химна (скратена верзија при посетата на Петков, пеење без строфата со Гоце и Даме итн), македонската јавност очекува малку поголема сензитивност за овие прашања од нашата власт.