Чиста невистина е дека Никола Груевски ми барал помош да купи или прикрие имот, тврдеше денеска во судница поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков. Вели дека на чиста правдина, на товар му се ставало дека посредувал во отуѓување плацеви на водно кои според обвинението, екс премиерот ги купил со пари од партијата. Тој се сомнева дека останатите обвинети на минатото рочиште ја говореле вистината.

„Јас како обвинет, можам да кажам се во моја одбрана, исто како и останатите обвинети на минатото рочиште, а баш и не зборуваа вистина. Затоа, треба да дадете верба на материјалните докази“, му порача на судот обвинетиот Мијалков.

За партиските пари со кои наводни Груевски го купил имотот, тој истакна:

„Не сум знаел за нелегални пари. Не сум имал допирна точка до партиската каса. Никој не спомнал дека недостасуваат толку многу пари. Толкав износ да снема, а никој да не забележи? Не ми е верно мене тоа”, кажа Мијалков.

Според одбраната, обвинителството не докажало дека Мијалков бил вмешан во случајот.

„Апсолутно никој од сведоците не го спомна, напротив, сите искази на сведоците одеа во прилог на неговата одбрана“, изјави Ѕвонко Давидовиќ, адвокат.

На рочиштето како сведок се појави архитектот Мето Стојчевски, сопственик на фирмата „Гема“, но и зет за сестра на бизнисменот Орце Камчев, денеска се појави како сведок на рочиштето за „Плацеви на Водно“. На минатото рочиште тој беше посочен од Камчев, како човек кој чувал три стана со вкупно 750 квадрати за Никола Груевски во комплексот „Панорама“ на Водно.

Стојчевски рече дека Никола Груевски го познава од времето кога станал премиер, а со Сашо Мијалков се знаеле одамна, се дружеле од деца.

Стојчевски зборуваше за фирмата „СС Инвесмент ДООЕЛ“ и рече дека таа фирма постои од 2009 година и дека била на негов пријател со кого правеле заедно згради.

– Во 2015-2016 година Мијалков ме праша дали имам слободна фирма. По еден месец, влегов во таа фирма и му кажав на Мијалков. Ме праша дали може да се искористи за да ѝ се префрли имот. Не ми кажуваше чиј е имотот, а бидејќи инсистирав, ми рече дека е за имот на Груевски, ама дека не е важно и дека може и да не излезе ништо – сведочеше Стојчевски.

Од тој разговор поминало подолго време кога, како што рече Стојчевски, во 2020 година му се јавил Камчев и му рекол дека треба на оваа фирма треба да се префрли удел од комплексот Панорама.

– Во 2020 година, кога заврши градбата на Панорама, ми се јави Камчев и ми рече дека треба да се купат уделите од Панорама, а со парите ми рече ќе купиш станови. Тогаш „СС инвесмент“ се стекна со три стана и неколку гаражни места. Фирмата беше чиста и наменета за префрлање на уделот кој беше замолено да го префрлам. Има сопственост и уште една зграда во центарот во Скопје. Не се чувствувам како сопственик на имотот – рече Стојчевски.

Тој објасни дека еден од становите е на сутерен, а другите два стана се на поткровје.

– Клучевите треба да се во чуварата на Панорама, зашто не се предадени. Тие станови не се мои – рече сведокот, кој додаде дека на хартија тој е сопственик на фирмата, а имотот не е негов.