Судот на Никола Груевски да му изрече највисока казна, а за обвинетиот Сашо Мијалков казната да биде повисока од предвидената, побара јавната обвинителка Лиле Стефанова на денешните завршни зборови за предметот „Плацеви на Водно“.

Таа побара и конфискација на неговите станови вклучително и трите стана во Панорама, сопственост на фирмата „СС инвестмент”. За Стефанова, исклучително важен бил исказот на обвинетиот Ристо Новачевски, па за него предложи условна казна. За обвинетите Ненад Јосифовиќ и Јордан Камчев таа побара минимални казни, а го информира судот дека го повлекува обвинението за Ратка Камчева.

„Никола Груевски како премиер ја користел својата функција противправно за да се стекне со имот. Сашо Мијалков во својот исказ негираше дека ги презел дејствата кои му се ставаат на товар. При претрес на неговото возило беа пронајдени договори склучени со фирмата „СС инвестемент” за становите во Панорама“, рече обвинителката Стефанова.