Привремените мерки стапија во сила веднаш и заплената на имотот е прибележана во Централниот регистар и Агенцијата за катастар на недвижности – Центар за катастар на недвижности Скопје. Од ЈО посочуваат дека запленувањето не е конечно. Привремените мерки согласно закон може да траат најдолго до завршување на кривичната постапка пред првостепениот суд или да бидат укинати по службена должност

Во рамки на истражната постапка во предметот „Империја“, во текот на вчерашниот и денешниот ден до Основниот кривичен суд Скопје доставени се шест барања за определување на привремена мерка забрана за оттуѓување и располагање со недвижен имот.

Како што соопшти попладнео Јавното обвинителство, барањата се поднесени поради постоење на основано сомневање дека имотот потекнува од кривично дело и дека до крајот на кривичната постапка ќе биде особено отежнато или оневозможено неговото одземање.

Од прибраниот доказен материјал, како што се наведува во соопштението, произлегува дека предложениот имот е пренесен на трети лица за да се прикрие неговиот вистински сопственик.

„На предлог на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција е определена мерка забрана за оттуѓување и располагање со удел на правното лице Друштво за производство, трговија и услуги ‘ДИВЕЛОП ГРУП’ ДОО Скопје што го поседува во правното лице ‘Хотел Гранд М’ ДООЕЛ Скопје, удел на физичко лице од 67,5 отсто што го поседува во правното лице Друштво за производство, трговија и услуги ‘ДИВЕЛОП ГРУП’ ДОО Скопје, удел – основачки влог од 32,5 отсто што го поседува правното лице – Друштвото за градежништво, трговија и услуги ‘БЕСТ ВЕЈ ИНВЕСТМЕНТ’ ДООЕЛ Скопје во правното лице Друштво за производство, трговија и услуги ‘ДИВЕЛОП ГРУП’ ДОО Скопје“, се наведува во соопштението.

Како што информира Јавното обвинителство, определена е мерка забрана за отуѓување и располагање со недвижен имот и на Друштвото за трговија и услуги „БИЗНИС ПРОПЕРТИ ИНВЕСТМЕНТ“ ДООЕЛ Скопје во вредност од 58 282 500,00 денари согласно книговодствената вредност и тоа апартмани со вкупна површина од 720 м2 и гаражи со вкупна површина од 92 м2. Се запленуваат и 7 213 акции што Друштвото за производство, трговија и услуги „ЕКСИКО“ ДООЕЛ Скопје ги поседува во „Стопанска Банка“ А.Д. Битола по номинална вредност од 3 000,00 денари по акција или во вкупна вредност од 21 639 000,00 денари, како и деловен простор во градба лоциран на плоштадот „Македонија“ на Друштвото за производство, трговија и услуги „СИС ИНВЕСТ ГРУП “ДООЕЛ Скопје со површина од 566,41 м2 и во вредност од 1 699 241 евра.

Во соопштението од ЈО се наведува дека судијата на претходна постапка ги прифати барањата и со решение определи привремени мерки со кои се забранува располагање, заложување и оттуѓување на имотот по каков било правен основ.

Привремените мерки стапија во сила веднаш и заплената на имотот е прибележана во Централниот регистар и Агенцијата за катастар на недвижности – Центар за катастар на недвижности Скопје.

Од ЈО посочуваат дека запленувањето не е конечно. Привремените мерки согласно закон може да траат најдолго до завршување на кривичната постапка пред првостепениот суд или да бидат укинати по службена должност.

Случајот „Империја“ се води против Јордан Камчев, Сашо Мијалков, Ненад Јосифовиќ, Цветан Панделески, Ратка Куноска Камчева, Христина Камчева Стојческа, Зорица Арсовска, Лилјана Гајдовска, Владислав Стајковиќ, Тодор Мирчевски, Дејан Јанев, Ванче Мијалчев и Јованче Тасковски. Тие се гонат поради основано сомнение за сторени кривични дела злосторничко здружување, оштетување или повластување на доверители, злоупотреба на службената положба и овластување, измама и перење пари и други приноси од казниво дело.