Игрите на среќа, казината и обложувалниците да се оставаат да работат само во хотели со пет ѕвезди. Ова е иницијатива на Алијансата за Албанците која ќе ја достави до Собранието. Алијанса бара поддршка од другите партии, да седнат да разговараат за да се даде решение за хаосот со бизниси од оваа категорија кои никнуваат насекаде и создаваат семејни драми.
Но, иницијатива за промена на овој закон веќе е во Собрание. Според првиот човек на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, претходната законска иницијатива која требаше да го регулира функционирањето на коцкарниците и која долго време е заглавена во собраниска процедура е недоволна.
“Предлог-законот предложен од други политички актери и партии е за отстранување на коцкарниците, казината на 500 метри од образовните објекти, училиштата и верските објекти, но не мислиме дека тоа го решава проблемот бидејќи да ги однесеме 500 метри воздушна линија од тие институции значи да се однесат во најважната образовна институција што ја има едно општество, а тоа е домот“, изјави Зијадин Села, претседател на Алијансата за Албанците
Алијансата за Албанците предлага општините да го ограничат и рекламирањето на овие бизниси на нивната територија.
„За секој поголем метар квадратен за реклами, тие средства ќе одат на сметката на општината и ќе се плаќа најмалку по 200 евра за метар квадратен. Сите овие пари ќе одат на посебна сметка на локалната самоуправа и ќе треба да се користат исклучиво за промоција на спортот, за помош на лицата со посебни потреби“, изјави Зиадин Села, претседател на Алијансата за Албанците
Предлогот предвидува промените да стапат на сила една година по одобрувањето, со цел да им се даде време на бизнисите да го прилагодат своето работење. Села вели дека во неговата партија нема дилема дека овие бизниси треба целосно да се забранат, но не верува дека тоа е остварливо со оглед на ставот на другите партии.