Американските сенатори Крис Марфи, Џејн Шејхин и Том Тилис, кои допатуваа денеска во Косово, во рамки на нивната балканска мини-турнеја, на средбата со косовската претседателка изразија силна поддршка на Косово во неговите аспирации за членство во НАТО, јави дописникот на МИА од Приштина.
Демократската сенаторка, Шејхин, на заедничката прес-конференција со косовската претседателка, Вјоса Османи, по приемот во нејзиниот кабинет, изјави дека фактот оти делегацијата ја сочинуваат уште еден демократ (Марфи) и еден републиканец (Тилис), ја докажува недвојбената поддршка на американскиот Сенат за Косово.
– Со нетрпение чекаме да ги поддржиме вашите аспирации за да станете дел од НАТО. Сенаторот Тилис и јас сме копретседатели на надзорната група за НАТО и работиме силно за да го поддржиме американскиот Конгрес во тоа што го прави во врска со НАТО и за да ги поддржиме аспирациите на државите како Косово кои се заинтересирани да се приклучат кон НАТО, рече Шејхин.
Таа нагласи дека ги поддржува и напорите на Косово за приклучување кон Еропската унија и партнерството на Приштина со западните земји.
Осврнувајќи се на руската агресија во Украина, Шејхин рече дека Вашингтон ја споделува загриженоста на Косово дека тамошниот конфликт може да го допре и Западен Балкан.
– Заедно ќе ја продолжиме работата со размена на идеи за предизвиците со кои се соочуваме сите, посебно во безбедносниот амбиент со кој се справуваме сега во Европа со она што се случува во Украина и со неиспровоцираната руска агресија. Не сакаме ова да се случи никаде друго во Европа и сакаме војната да заврши што е можно побргу. Тука сме со таа порака и заради пријателството кое го имаме, рече Шејхин по средбата на делегацијата со Османи.
Косовската претседателка рече дека ги информирала американските сенатори за целите на Србија во моментната ситуација предизвикана со украинската криза.
Намерата на Белград, според Османи, е да ја искористи ситуацијата и заедно со Москва „да го повлечат Балканот кон минатото“.
Таа изрази уверување дека таквото сценарио на Русија и Србија за дестабилирање на регионот нема да успее.
– Не е тајна дека безбедноста во континентот и регинот се загроени. Русија била и останува сериозно заинтересирана да ги дестабилизира континентот и регионот… Меѓутоа, длабоко сум убедена дека ќе ги спречиме овие малигни влијанија, од две главни причини: Прво, затоа што тоа е волја на народот на Косово, како најпроамерикански и про-НАТО народ во светот и, второ, затоа што имам целосна доверба дека кога работиме со САД можеме да постигнеме сé, рече Османи.
Тројцата американски сенатори во Приштина допатуваа од Босна и Херцеговина, а претходно ја посетија Србија. Во вторникот во Белград се сретнаа со претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерката Ана Брнабиќ, а вчера во Сараево со тројцата членови на колективното Претседателство на БиХ. Во Приштина, освен со претседателката на државата, предвидена е средба и со премиерот Албин Курти.
Според најавите од самата американска делегација, посетата на трите земји од Западен Балкан е поттикната од развојот на настаните во Украина и руската агресија врз таа држава.
Најавувајќи ја турнејата во Србија, Косово и БиХ, сенаторот Марфи предупреди дека рускиот претседател Владимир Путин може да се обиде да создаде проблеми во некој друг кревок регион, како што е Балканот.
– Додека Русија продолжува да губи во Украина, тие ќе се обидат да создадат проблеми во некој од блиските кревки региони. Јас оваа недела ќе бидам во Србија, Косово и Босна, заедно со сенаторката Шејхин и сенаторот Тилис за да ги зајакнеме врските на САД со Балканот наспроти странските обиди да го минираат мирот, напиша Марфи на неговиот Твитер во вторникот, на 19 април.
Демократите Марфи и Шејхин се членови на Одборот за надворешна политика, а републиканецот Тилис е член на Одборот за одбрана при американскиот Сенат.