Денес, сета твар се радува и весели. Оваа ноќ, навистина, колку што е свештена, толку е сепразнична, спасителна и светозарна, рече митрополитот г. Петар, честитајќи го Воскресението Христово од Галичица до Даутица, од Пелистер до Кајмакчалан и од Крушево до Мариово, како и вам во Австралиско Новозеландската Епархија, од Перт до Нов Зеланд и од Аделаид до Порт Кембла.
Точно на полноќ, митрополитот г. Петар пред верниците во Битола нагласи дека и оваа година се поклонуваме на единствениот Богочовек, го воспеваме и славиме неговото Воскресение.
-Му се поклонуваме на Твојот Крст Христе, зашто преку него нам ни се откри вечната мера на Божјата љубов и човекољубие. Вистинската љубов не бара ништо свое, туку таа целосно се жртвува. Таква е Христовата љубов, бидејќи таа му дава вечен живот на целиот свет. Крстот Христов, со својата хоризонтала и вертикала ги отстранува сите препреки меѓу луѓето и созданијата, а притоа го собира целото човештво во една заедница, повикано за вечен живот во Царството Небесно, рече митрополитот г. Петар и додаде дека со Воскресението Христово, Рајот не останал да биде само колективна именка во свеста на човекот, туку станал реално достапен за сите луѓе, од постанокот, па до крајот на светот.
Во своето Велигденско послание митрополитот г. Петар не пропушти да потсети на актуелните случувања на континентот и во земјава.
-Веднаш се поставува прашањето: „Кој прв почна?“ или поточно кој ги предизвика тие судири и немири. Секако, дека ниту мирољубивиот и благочестивиот руски и украински народ, туку оние што сакаат да имаат воена светска моќ во оваа светска глобализација. Најголемата трагедија е во тоа што, предизвикувачите на овие судири и немири, ништо не прават за тие да престанат, туку напротив, уште повеќе ги поттикнуваат со помагање, да продолжат тие судири во кои страдаат невини луѓе, а тие, пак, предизвикувачите на тие судири и понатаму остануваат неми сеирџии на страдањата на немоќниот народ, старците, мажите, жените и децата. Кој е најповикан да ги прекине овие судири и војувања на браќа против браќа? Доколку не можат или не сакаат тоа да го направат политичките управители, не само на Украина и Русија, туку и на сите инволвирани страни во овие судири. Очигледно, претставниците на светските организации за мир и безбедност, дека не само што се немоќни, туку за жал подлегнуваат на глобалистичките интереси и воени профитерства, па затоа сметаме дека не ќе можат тие пред Бога да се оправдаат, па дури и претставниците на црквите и верските заедници, ако не седнат на заедничка маса и не се договорат да изнајдат начин како да ги сопрат судирите, рече митрополитот г. Петар.
Пред бројни верници во Храмот „Св. Великомаченик Димитриј“ во Битола, митрополитот преспанско-пелагониски и администратор австралиско новозеландски г. Петар предочи дека македонскиот народ треба секогаш да се радува на Воскресението и порача -бидете творци на мирот.
-Нашиот Македонски Православен народ претрпел и претрпува многу неволји. Господ на многу начини и во многу случаеви нѐ укорувал за нашето неверие и жестокосрдечност, нѐ укорувал и нѐ карал за многу работи, кои свесно сме ги правеле без да се покаеме. Но, не заборавајте дека тој што е каран, тој е и сакан. Македонскиот народ, е многу каран, но и премногу сакан од Бога. Запаметете, нема воскресение без распнување и страдање, нема ниту Рај без Голгота. Ви посакувам да се радувате на Воскресението и да живеете достојно за Евангелието, да бидете творци на мирот и да се веселите постојано во Воскресението, истакна митрополитот г. Петар во своето Велигденско послание.