Еврокомесарот за проширување на ЕУ, Оливер Вархеји од денеска до 28 април ќе ги посети Хрватска, Бугарија, Македонија и Албанија.

Во календарот за негови активности на веб страницата на Европската комисија е наведено дека Вархеји за време на престојот во Загреб, Софија, Скопје и Тирана ќе одржи билатерални разговори, а во Софија ќе учествува и ќе се обрати на Самитот ЕУ-Балкан.

Во исто време со Вархеји утре во Софија ќе престојува и шефот на дипломатијата Бујар Османи.

Османи денеска е во посета на Берлин каде што со официјални претставници на Германија разговара за европското досие на Македонија и потребата од итна деблокада на процесот на проширување.

Патот на Македонија кон ЕУ последно е блокиран пред околу две години, со бугарското вето. Бугарија тврди дека земјава ја краде бугарската историја и дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот, а меѓу барањата е и ставање на Бугарите во македонскиот Устав.