Кривичниот суд го издал упатниот акт врз основа на кој Јордан Камчев треба да се јави за отслужување на затворската казна од една година, која ја доби по спогодбата со обвинителството за случајот ,,Империја“, потврдиле за РСЕ од Кривичниот суд. Упатниот акт е во фаза на достава и затоа, како што велат од судот, со дополнителни детали ќе излезат утре.
Но, Камчев и покрај упатниот акт, има законска можност да побара и одложување на издржувањето на затворската казна. Покрај затворската казна, Камчев треба да уплати и 5,1 милиони евра на државниот буџет преку УЈП.
Обвинителството соопшти и дека спогодбено признал вина и се спогодил за една година затвор и осомничениот Ненад Јосифовиќ.
Истрагата за случајот „Империја“ по три и пол години заврши неодамна и резултираше со замрзнување на имотот на фирми поврзани со Камчев и поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков.
Истрагата беше отворена на 9 ноември 2018 година. Осомничени, освен Камчев, Јосифовиќ и Мијалков беа уште 10 лица – нивни соработници, поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела: Злосторничко здружување, Оштетување или повластување на доверители, Злоупотреба на службената положба и овластување, Измама и пПерење пари и други приноси од казниво дело.
Првичната истрага покажа дека осомничените испрале 8 милиони евра пари од Македонија и 2,5 милиони од странство, преку оф шор компании. Тие го оштетиле Буџетот на Македонија за речиси 6.3 милиони евра.