По општинските комитети се бара возило повеќе за да им се овозможи на луѓето кои изразиле желба да присуствуваат на протестот в сабота, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и најавува масовност.

Знамиња, пароли, пораки за промени, обезбедување возила за превоз… Во општинските комитети на ВМРО-ДПМНЕ е многу фреквентно, со оглед дека привршуваат подготовките за најавениот протест на 18-ти јуни во Скопје.

„Очекувам голема посетеност и одзив на народот на протестот кој ќе се одвива под слоганот ‘Премногу е! Протест за промени’, вели за ДВ лидерот на партијата, Христијан Мицкоски.

Според најавените активности, ова лето ќе биде политички многу жешко, а според економските показатели – и многу тешко.

„Лошиот живот, инфлацијата, лошата економија стануваат неподносливи, а огромен број на граѓани бараат излез од актуелната состојба. И, знаејќи дека поминаа 5 години од истата влада, многу јасно е дека за неколку месеци од сега нема да се живее подобро. Од тој аспект најдобро решение се избори, на кои оваа Влада ќе биде срушена. Подготовките течат на солидно ниво и можам да кажам дека има огромен интерес и одзив на многу луѓе кои ќе дојдат во Скопје на 18-ти јуни. По општинските комитети се бара возило повеќе за да им се овозможи на луѓето кои изразиле желба да присуствуваат на тој протест“, вели Мицкоски. .

Со масовно присуство партијата сака да испрати порака до власта какво е расположението на граѓаните за промени, но и свесна е дека тие промени не може да се случат ниту преку ноќ, ниту со еден протест.

Во овој момент лидерот на ВМРО-ДПМНЕ не ги открива сите можни опции, но вели дека тие ќе кулминираат со масовен активизам.

„Наредните чекори ќе бидат во правец на рушење на власта користејќи ја демократијата, улицата и обединувајќи го народот против најголемата причина за колективната несреќа, а тоа е оваа власт. Кога нема никаква причина да се одржи Владата, природно е да се провери волјата на народот и да има избори. Доколку таа можност се одбие, тогаш на сцена ќе стапат чекорите кои ќе ги најавиме во периодот што следи, а се во насока на мобилизација и масовен активизам“, најавува Мицкоски.