Американскиот актер Стивен Сигал сè уште останува во улогата на руски пратеник за хуманитарни врски со Соединетите Американски Држави, и покрај фактот што беше прекинат билатералниот меморандум за разбирање во областа на културата меѓу двете земји, изјави денеска рускиот заменик министер за надворешни работи Сергеј Рјабков.
„Се разбира, Стивен Сигал го задржа статусот на специјален пратеник. Тој е задолжен за голем број прашања и не планираме ништо да менуваме, и покрај општата клима на билатералните односи“, изјави Рјабков.
Претходно, руската Влада го одобри предлогот на Министерството за надворешни работи за раскинување на меморандумот за разбирање со САД во областа на културата, хуманитарните и општествените науки, како и образованието и медиумите.