НЕКОЛКУ ЗБОРОИ ЗА МАКЕДОНЦКОТО ОБРАЗОВАНИЕ ИЛИ ШЧО ТРЕБИТ ДА НАПРАИМЕ ЗА ОДНАПРЕД
Лазар АПРТИКОВ, професор по македнски јазик во „Даме Груев“, Куклиш
Повод за ова мое размислување ми дадоа катастрофалните резултати од тестирањето на кандидатите за идни средношколци во скопското средно училиште „Орце Николов“, каде сите кандидати конкурирале со успех 5,0 , а само мал дел од тестираните ги заслужувале своите петки.
Актуелната влада, додека беше во опозиција, за да ги добие на своја страна средношколците, како идни или актуелни гласачи, па и нивните родители, ветуваше укинување на „екстерното“ тестирање и на матурата. Екстерното тестирање, со сите свои недостатоци, ги тераше наставниците да внимаваат на оценките и во некоја рака ги заштити од притисокот на родителите и партиските моќници. И екстерното имаше свои слабости, кои секоја наредна година, поучени од искуството, требаше да се надоградува и да се отстрануваат грешките. Некои тестатори им дозволуваа влез во просторијата на свои колеги за да им помогнат на некои деца, што не би требало да биде допуштено.
Проблемот со образованието не е од вчера, туку е плод на погрешни или воопшто немање на стратегии. Секоја нова влада започнува од почеток.
Владата на Груевски ги опреми училиштата со компјутери, но електричната инсталација и клупите не беа во склад со новонастанатата состојба, па мораше додатно да се интервенира. И откако изгледаше дека се е како што треба, се покажа дека со интернет „капка по капка“ не може да се изведува модерен тип на настава со примена на ИКТ.
Владата на Заев, требаше да ги замени застарените компјутери и да воведе брз кабловски интернет, бидејќи веќе имаше инфраструктура. Но, место тоа, ги тргнаа компјутерите, како нешто што му припаѓа на минатиот век.
Во времето на владата на Заев се случи и Ковид-пандемијата, кога наставата мораше да се одвива од далечина, но место да ги опремат наставниците и учениците за новонастанатата состојба, тие апелираа до хуманоста на оние што имаат и сакаат да помогнат на децата, кои потекнуваат од социјално ранливи семејства. Помошта беше симболична и само капка во морето, зашто никој не знае како излегувале на крај оние, чии примања не се минимални, но имаат две-три деца ученици или наставниците кои покрај уредот што треба да го користат за себе, треба да обезбедат и за своите деца. Зимата беше уште пострашно, зашто требаше да се обезбеди греење во повеќе простории, а за таа сметка, министерството заштеди на енергија и од превозот на учениците. Посебна приказна е нелогирањето или спиењето на некои ученици, кои само се логираа.
Ако сакаме квалитетно образование, мораме да го вратиме достоинството на наставникот и неговата автономија при оценувањето. И најслабиот ученик знае правилно да оценува.
Укинете го средното образование како задолжително, а без диплома од средно да не се дозволи вработување на работни места кои бараат малку поголем степен на сложеност или полагање на возачки испит.
Го преценивте Англискиот јазик, воведувајќи го како задолжителен за сите деца од прво одделение, а го потценивте Македонскиот јазик, како јазик на општествената средина и службен јазик на целата територија. Ако јас одлучувам, Македонскиот би го вовел во второ одделение за сите деца, на кои македонскиот не им е мајчин јазик, заради полесно и подобро интегрирање во средината. Задоволувајќи ги барањата на Албанците, кои на мајчин јазик ги имаат сите степени на образование, а Македонскиот јазик го чувствуваа како непотребен товар, ги осакативте припадниците на другите малцинства.
Непотребно го воведовте предметот Физичко и здравствено образование уште во прво одделение и него да го предаваат наставници по Физичко, кога беше доволно на часовите по Физичко, одделенскиот наставник да ги врати детските игри од времето на нивните родители или дедовци и баби.
Во време на информатичко општество, предметот Информатика да се изучува само со два часа неделно во шесто и седмо одделение е смешно. Тој предмет треба да биде еден од главните предмети и со поголема застапеност низ сите години, зашто е предмет на иднината.
Воведовте втор странски јазик, наводно раководејќи се од премисата- колку јазика познаваш, за толку луѓе вредиш, а во пракса само се усложни работата или намерата беше- ако не најде работа во странство со Англиски, да најде со вториот јазик.
Со препишување на туѓи програми, никој не стигнал далеку. Македонија има доволно компетентни кадри, кои можат да направат истражувања на повеќе странски искуства и да ги прилагодат кон нашите потреби, менталитет и услови. Едно е да препишеш идеална програма, а сосем друго е дали таа има применливост во твојата средина.