Јас лично бев дел од преговарачкиот тим за овој договор. Јас тогаш бев државен секретар во Министерството за надворешни работи па потоа бев колега заедно со Арбер во Владата и сме имале добра соработка и сме работеле. Што беше спорно тогаш, што е спорно денес? Три работи беа спорни: Прво – заедничката историја и ниедна Влада претходно и тогашната Влада не го прифати тоа барање на Бугарија да имаме заедничка историја. Многу брзоплето потоа се прифати од страна на СДСМ и таа Влада. Зборам за еден потег, заедничка историја што сега ги прави сите проблеми, истакна Владо Мисајловски потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ во неговото гостување во емисијата 24 Анализа.
Тој потенцираше на втора работа која е многу важна, а тоа е реципроцитетот, како што се однесува за нив така да се однесува и за нас.
– Не може само Македонија да има обврски, и тогаш и тоа не се договори, но Владата на СДСМ веднаш го прифати. Зборам ниту една влада во историјата, ниту нивните влади претходно не го прифаќале тоа барање. Исто така многу важно што го бараа македонскиот јазик како што сега го бараат и како што сега стои во овие документи, истото го бараа во договорот за добрососедство. И тоа беше од важните работи кои ние како ВМРО-ДПМНЕ заедно тогаш во Владата не го прифативме тој документ. Сега тој стои тука, и тоа е обврска. Тоа што сега е укочено, ќе стои во самиот процес. И да, добро кажа Арбер ова не е отварање на преговорите како Албанија што веднаш ќе ги почне после состанокот, туку Македонија има обврска да го смени уставот. Тоа е обврска задолжителна за потоа да започне преговори. Тоа е многу клучна разлика, појасни Мисајловски.