По објавувањето на францускиот модифициран предлог, МПЦ-ОА повеќе пати повика на обединување околу националните интереси и нивна заштита.
Свое видување за актуелните состојби даде и митрополитот преспанско-пелагониски г. Петар.
Според г. Петар, Македонците се негирани дека постојат, дека се по род Бугари, но тоа нема да се случи барем додека има последен Македонец што се чувствува Македонец по род, вера, култура и по сѐ што постои. Митрополитот преспанско-пелагониски посочува дека не треба да се срамиме да му кажеме на целиот свет дека ако се зборува за културата, тука нека ја бараат во Македонија.
-Ако се зборува за историјата, тука е и најраната историја. Ако се зборува за Црквата на Балканот и Европа, прво во Македонија се случило евангелието да биде проповедано во Филипи од апостолот Павел, истакна митрополитот Петар.
– Затоа ние немаме од што да се срамиме и од што да се плашиме, туку треба достоинствено, искрено и чесно да потврдиме дека не сме народ без корен, не сме Црква од вчера, туку постоиме од многу одамна и нашите корења се длабоки и стари. Па затоа да не дозволиме, сега барем во ова време кога сме автокефална црква, некој да нѐ обезличува. Се надевам дека сето она што денеска се случува, тоа треба да биде на најцивилизиран и најдемократски начин, да дадеме отпор на нашето обезличување и на нашето негирање, како народ и нација, кажа митрополитот преспанско-пелагониски г. Петар.