Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен денеска ќе отпатува за Баку, во обид да обезбеди значителен увоз на природен гас од Азербејџан.
– Бидејќи Русија силно ги користи своите енергетски резерви како оружје, диверзификацијата на нашиот увоз на енергија е приоритет за ЕУ. Претседателката Фон дер Лајен и комесарот за енергетика Кадри Симсон денеска ќе престојуваат во Азербејџан за дополнително да ја зајакнат соработката, објавено е на Твитер профилот на ЕК.
Според нацрт-документот од 14 јули, ЕК им предложила на земјите од ЕУ договор со Азербејџан за зголемување на увозот на природен гас и за проширување на гасоводот.
Германија, четвртата по големина економија во светот, се подготвува за сите сценарија, вклучително и целосно прекинување на испораките на руски гас.
Рускиот амбасадор во меѓународните тела во Виена, Михаил Улјанов, на Твитер објави дека Русија никогаш не одбила да продолжи да испорачува природен гас за Европа и целосно ги почитува своите договорни обврски.