Црногорското Министерство за внатрешни работи денеска соопшти дека е одобрено тим од ФБИ да допатува во земјата и да помогне во истрагата за кибер нападите во Црна Гора. РТЦГ соопштува дека тие се упатиле кон земјата.
Според црногорското МВР, по синоќешната, прва средба на министерот за внатрешни работи Филип Аџиќ и директорот на полициската управа Зоран Брѓанин со правното аташе на ФБИ за Црна Гора, Србија и Босна и Херцеговина, Кенет Брајан, кој ја изрази подготвеноста на ФБИ за конкретна поддршка на црногорските колеги, денеска е одобрено доаѓањето на ФБИ CAT (Cyber Action Team), кој ќе учествува и помага во истрагата во врска со неодамнешните кибер напади во Црна Гора.
„Во моментов се упатуваат во Црна Гора. Ова е уште една потврда за одличната соработка меѓу Соединетите Американски Држави и Црна Гора и доказ дека можеме да сметаме на нивната поддршка во секоја ситуација“, соопштуваат од црногорското МВР.
Во Црна Гора на 20 август започна кибер напад врз информатичкиот систем на земјата, кој се уште трае. Според директорот на Управата за информатичка безбедност на Црна Гора Душан Половиќ вирусот, со кој се извршуваат нападите, на дарк веб чини од 100 илјади до два и пол милиони долари.
Директорот на Управата за информатичка безбедност на Црна Гора, Душан Половиќ, потврди дека се заразени 150 станици во десет државни институции.
– Заразените станици се исклучени од мрежата и нивните хард дискови се отстранети за дополнително испитување, соопшти Половиќ на почетокот на неделава.