Учениците од 4-то одделение во скопското основно училиште „Владо Тасевски“ денеска не влегоа во своите училници откако родителите одлучија да ја бојкотираат наставата.

Во соопштението што пристигна во нашата редакција е наведено дека родителите со огромно мнозинство ја бојкотираат наставата на нивните деца, оти, како што објаснуваат, училишната управа и директорката на училиштето донеле одлука учениците да одат на училиште само втора смена.

Ние, родители на ученици во 4б ООУ Владо Тасевски – Скопје, продолжуваме со реакцијата за нерамноправниот третман на нашите деца од страна на училишната управа и директорката Викторија Кочовска, поради тоа што во учебната 2022/2023 година нашите деца се осудени да одат на настава САМО во попладневните часови (од 13:00 до 17:30 часот). Поради отсуство на слух за нашиот проблем од страна на управата на ООУ Владо Тасевски – Скопје и директорката Викторија Кочовска и покрај неколкуте реакции од родителите од мај 2022 до сега, денеска во огромно мнозинство ја бојкотираме наставата. Директорката Кочовска не презема ниту еден чекор во насока на разрешување на проблемот со капацитет на простории што го мачи училиштето со години. Како и годините наназад, така и овој пат, ние се соочуваме со отсуство на било каква реакција и покрај нашите барања. Од тие причини, како што најавивме во вчерашната информација и изјавата за медиумите, ние денеска реагираме со бојкот на наставата, наведено е во соопштението.

Родителите се надеваат дека најитно ќе се пристапи кон решавање на овој проблем.

Се надеваме дека ова е предупредување после кое најитно ќе се пристапи кон сериозно разрешување на овој проблем за доброто на нашите деца и нивниот нормален развој. Потсетуваме дека БАРАМЕ ОРГАНИЗИРАЊЕ НАСТАВАТА ВО ООУ ВЛАДО ТАСЕВСКИ, СКОПЈЕ НА НАЧИН КОЈ НЕМА ДА БИДЕ ДИСКРИМИНАТОРСКИ. Очекуваме итно решавање на овој проблем од страна на училишната управа, во спротивно ќе бидеме приморани нашиот револт од ваквата дискриминација да го изразиме со понатамошен бојкот на наставата, реагираат родителите.